logo
logo
logo

Средба Стоилковиќ – Месаровиќ: Заедничка цел – стабилен и економски поврзан регион

Vecer | 12.11.2025

Средба Стоилковиќ – Месаровиќ: Заедничка цел – стабилен и економски поврзан регион

Заменик-претседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, денеска во Белград оствари работна средба со потпретседателката на Владата и министерка за економија на Р Србија, г-ѓа Адријана Месаровиќ.

На средбата се разговараше за повеќе теми, имајќи го предвид заедничкиот интерес на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заеднички инвестициони проекти, како и за заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум кој ќе се одржи во Скопје на 3 декември.

„Бидејќи наша заедничка цел е интензивирање на економската соработка и зголемување на надворешнотрговската размена, денеска остварив мошне конструктивен состанок со потпретседателката на Владата на Р Србија, г-ѓа Адријана Месаровиќ. Бројките веќе покажуваат дека оваа година, и покрај сите предизвици, економската размена ќе биде поголема од минатата, имајќи предвид дека за првите девет месеци е остварена размена од повеќе од 1,1 милијарда евра, додека во 2024 година таа изнесуваше 1,4 милијарда евра“, истакна по средбата потпретседателот и министер Стоилковиќ.

Тој додаде дека посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан.

„Стопанствениците бараат соработка и нашата цел е да излеземе во пресрет на нивните барања и дополнително да ги поврземе. Со поддршка на претседателот на Владата на РС Македонија, г. Христијан Мицкоски, на 3 декември во Скопје ќе организираме голем Бизнис форум на кој ќе разговараме за понатамошно унапредување на соработката, пласман на македонските и српските производи на пазарите на двете држави, за што постојат сериозни потенцијали. Владата на Христијан Мицкоски води одговорна политика која носи конкретни резултати – стабилен економски раст, отворање на нови пазари и зајакнување на регионалната стабилност и поврзаност. Благодарение на таквите политики, нашите стопанственици ќе имаат сè повеќе можности за пласман на своите производи и услуги на други пазари“, изјави потпретседателот и министер Стоилковиќ.

Средбата потврди дека меѓусебната соработка меѓу РС Македонија и Р Србија продолжува да се развива во духот на партнерство, доверба и заеднички интереси на економскиот и регионалниот план.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk