Апелацискиот суд Скопје ја потврди едногодишната затворска казна за ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во предметот поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош.
Од Судот информираат дека, постапувајќи по жалбите на обвинетите и на надлежниот јавен обвинител, е донесена второстепена пресуда со која е потврдена првостепената одлука за кривичното дело бесправно градење, за кое на Јакимовски му е изречена казна затвор во траење од една година.
Во изречената казна ќе му биде пресметано и времето поминато во куќен притвор во периодот од 19 март до 15 август 2019 година.
„Второстепениот суд, постапувајќи по жалба на обвинетите и на надлежниот Јавен обвинител донел пресуда според која, пресудата против обвинетиот С. Ј., поранешен градоначалник на општина Карпош, за кривичното дело – бесправно градење, за кое дело му е утврдена казна затвор во траење од една година се потврдува, а во изречената казна затвор му се засметува и времето минато во куќен притвор од 19.03.2019 год до 15.08.2019 година“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.
Со оглед дека во казната се пресметуваат околу пет месеци поминати во куќен притвор, на Јакимовски му остануваат за издржување уште околу седум месеци затворска казна во Казнено-поправната установа во Шуто Оризари.
Истовремено, Апелацискиот суд ја уважи жалбата на Јакимовски во делот што се однесува на обвинението за злоупотреба на службена положба и овластување, поради што предметот во тој сегмент се враќа на повторно судење.
Според судското соопштение, делото се однесува на периодот од 2011 до 2017 година, а согласно законските рокови, кривичното гонење за него би застарело во 2027 година.
Во однос на второобвинетиот Т. Ѓ., Апелацискиот суд ја укинува условната осуда изречена со првостепената пресуда и предметот го враќа на повторно постапување.
Од Основниот кривичен суд Скопје појаснуваат дека укинатиот дел од предметот ќе биде распределен кај нов судија, бидејќи тој што досега постапувал веќе не е распореден во Одделот за организиран криминал и корупција.
Делот од предметот во кој е потврдена затворската казна за Јакимовски ќе биде доставен до судија за извршување санкции за понатамошно постапување.
Основниот кривичен суд Скопје во април минатата година му досуди казна затвор од три и пол години на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во врска со градењето на административната зграда на Општината.
Кривичен го осуди Јакимовски за две дела – бесправно градење и злоупотреба на службената положба. За бесправната изградба на општинскиот објект Судот му изрече казна затвор од една година, а за злоупотреба на службената положба и овластување затворска казна од три години.
Тогаш Јакимовски рече дека пресудата е донесена без докази, дека е политички мотивирана и најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд. Според Јакимовски, во случајот нема пресуда за кривично дело, туку станува збор за обичен политички прогон.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата