Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик.
Несреќата се случила на 9 јануари на улицата Народен фронт, кога младиот возач управувал „фолксваген пасат“ со неприспособена брзина и извршил опасно престројување во спротивна коловозна лента, без да се увери дека тоа може да го направи безбедно.
Во тој момент, тој ја удрил Јаковлеска, која како пешак го минувала коловозот. Од силниот удар и падот на асфалтот, жената се здобила со тешки повреди и итно била пренесена во Ургентниот центар, каде подоцна починала.
Наместо да застане и да ѝ помогне, возачот го напуштил местото на несреќата. Подоцна, со помош на уште две лица, маж и жена, бил пренесен надвор од државата преку граничниот премин Табановце.
Двете лица кои му помогнале во бегството се уапсени по нивното враќање во земјава, а за нив е побаран притвор. Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага за тешко кривично дело во сообраќајот и за неукажување помош.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата