Пропаѓањето на Еуростандард банка со „загуба“ од 62 милиони евра предизвика голема штета за штедачите, како и за државата која ги плаќа гарантираниот дел од депозитите. Во јавноста веќе е познато дека најголем дел од кредитите без пшокритие завршиле кај кланот на Заев и Филипче, а сега се утврдува кој им ги дал тие пари и особено со какви мотиви.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против три лица кои се товарат за кривичното дело предизвикување стечај на банка, како и обвинителен предлог против едно лице за несовесно работење во службата.
Според Обвинителството, првообвинет е Николчо Петковски, второобвинет е Коста Костовски, син на Трифун Костовски, третообвинет е Зоран Николовски, додека четвртообвинет е Трифун Костовски.
Според обвинителниот акт, Николчо Петковски, како претседател на Управниот одбор и член на Кредитниот одбор, Коста Костовски, како претседател на Кредитниот одбор, и Зоран Николовски, како претседател на Одборот за управување со ризици и член на Управниот одбор, во периодот од 2013 до втората половина на 2019 година постапувале спротивно на одредбите од Законот за банките и интерните акти на банката.
Обвинителството наведува дека тие одобрувале кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица без соодветни анализи и обезбедување, ја прикривале реалната финансиска состојба и ризиците, како и дека неточно ја известувале Народната банка. Со ваквото постапување, според обвинението, придонеле за значително влошување на финансиската состојба на „Еуростандард банка“ АД Скопје.
„Со ваквото постапување придонеле банката да биде доведена во стечај, а доверителите да бидат оштетени во износ од 1.662.417.664 денари (27 милиони евра)“, соопшти Обвинителството.
Во однос на Трифун Костовски, против него е поднесен обвинителен предлог за кривичното дело несовесно работење во службата.
Според Обвинителството, Костовски, како претседател на Надзорниот одбор на „Еуростандард банка“ АД Скопје, во периодот од 2013 до 2019 година несовесно ги вршел своите овластувања и не го спровел должниот надзор, постапувајќи спротивно на обврските утврдени со Законот за банките.
„Со тоа овозможил одобрување на нефункционални кредити, преземање прекумерни кредитни ризици, неточно прикажување на финансиската состојба на банката и непочитување на законските и интерните процедури при кредитирањето, со што придонел за создавање видлива несолвентност, намалување на сопствените средства на банката и нејзино доведување во стечај по сила на закон“, се наведува во обвинителниот предлог.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата