Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Софија ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), каде што ќе се обрати на пленарната сесија посветена на темата „Компас кон стабилност, безбедност и одржливост“.
На маргините на Самитот, Сиљановска-Давкова ќе оствари билатерални средби со в.д. претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, и со в.д. претседателката на Косово, Албулена Хаџиу.
Во пресрет на средбата со Јотова, таа вели оти очекува разговорите да бидат продолжение на претходните контакти и можност за зајакнување на довербата меѓу двете земји.
„Тоа е природно продолжение на нашата средба во Ереван – едно пријатно женско говорење. Мислам дека треба да го продолжиме тоа и затоа во текот на разговорот со вас ја споменав неопходноста од мерки за градење доверба. Ако граѓаните не контактираат, ако во проекти заеднички не учествуваме… морам да кажам, кога првпат го сретнав господинот Радев во Софија и се случи оној инцидент со знамињата, се заборави, но сите кои бевме присутни на работниот ручек каде што тој говореше за потребата од соработка во многу области во кои заедно би постигнале подобро, полесно, многу многу успеси. И јас мислам дека тоа е единствениот начин за да можеме ние бона фиде да се однесуваме. Да не се навредуваме, да не се повредуваме, да се обидеме да ги мериме зборовите“, кажа претседателката во пресрет на средбата со бугарската колешка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата