Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека во иднина ќе следуваат законски измени, кои ќе бидат порестриктивни во однос на управувањето со електричен тротинет.
Тошовски посочи дека ова едно од многуте горливи прашања, со повеќе европски амбасадори разговарал на оваа тема. Истакна дека во моментов европскиот просек во однос на бројот на жртви е околу 44 на милион жители.
- Но, во последниот период таму е констатиран пораст на смртни случаи како последица на несоодветно управување со електрични тротинети, нивно несоодветно вклучување во сообраќајот и нивно несоодветно користење, особено од страна на малолетни лица – рече Тошковски и додаде дека во моментов се прави компаративна анализа и се разгледуваат искуствата на другите држави.
Министерот истакна дека Грција е една од државите што во последниот период имплементираше порадикални мерки во оваа насока.
- Ќе ја искористам оваа прилика да кажам дека во иднина ќе следуваат законски измени што ќе бидат порестриктивни во оваа област. Не можам сега да навлегувам во детали, дали ќе станува збор за ограничување до 18 или до 16 години, дали ќе одиме со забрани или со порегулиран систем, но во секој случај, апсолутно е јасно дека на ова поле ни се потребни законски измени, сè со цел зголемување на безбедноста поврзана со овој тип превозни средства, најави тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата