По скандалозното снимање на пациентки на Гинекологија, анестезиологот Ваљон Дервиши е на чекор повторно да облече бел мантил во Клиниката во Тетово. Благодарение на судскиот маневар со кој казната му е сведена на симболични три месеци, тој сега го бара своето старо работно место. Додека од болницата се правдаат дека се „со врзани раце“ пред судот иако не го сакаат Дервиши назад, ресорниот министер Алиу тврди дека нема никакви информации за овој случај кој ја разбранува јавноста.
„Не сме задоволни од донесената судска одлука и сметаме дека во конкретниот случај судовите не ги ценеле во доволна мера специфичноста на здравствената дејност, заштитата на правата на пациентите и јавниот интерес. Во однос на евентуално враќање на работникот на работа, установата ќе постапува исклучиво согласно закон, судските одлуки и важечките прописи.“
И од Лекарската комора од каде можат да му ја одземат лиценцата се повикуваат на судот кој не одлучил да му се забрани вршење на професијата. Оттаму тврдат дека поради ова немаат правна основа да му оневозможат да работи. Во однос на претходната одлука од пред три години да му се одземе лиценцата на седум години од Комората за Канал 5 велат дека таа никогаш не станала правосилна.
„Бидејќи со правосилна судска одлука на докторот не му е изречена мерка - забрана за вршење професија, а постапката за повредата на Кодексот на медицинска деонтологија што ја води Лекарската комора не е правосилно завршена, Комората во моментов нема правен основ за да ја одземе лиценцата за работа на д-р Дервиши.“
Во судските постапки ниту колегите, ниту сниманите пациентки не се приклучиле на кривичниот прогон, потврдува адвокатот на Клиниката во Тетово, Дарко Котески кој посочи дека последната надеж за преиспитување на институционалниот исход клиниката Тетово ја гледа во ревизија пред Врховниот суд кој засега се уште не постапил.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата