Ние предупредивме на ваквиот инжинеринг денове дека ќе се случува. За нас е подеднакво лошо и тоа што се брише македонски идентитет и македонски јазик, како и што е лошо и придавката „модерен“ пред македонски јазик, подеднакво лошо, посочи премиерот Христијан Мицкоски
„Важно е дека на Комитетот за надворешни работи помина македонски јазик и македонски идентитет и ќе остане во колективната меморија дека за прв пат некогаш помина македонски јазик и македонски идентитет во главниот град на ЕУ, Брисел, во седиштето на европската демократија.
Уште еднаш се покажа и докажа на јавна сцена дека не е проблемот во неколку стотини Бугари во Уставот, туку дека проблемот е многу подлабок. И сега сите тие кои манипулираа во минатото и не убедуваа дека само уште да го смениме Уставот и сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани и да им се извинат. И не само пред македонските раѓани, туку и пред вистинските добронамерници кои доаѓаат и надвор од Македонија и кои велеа само уште ова да се реши и готова е работата - дека не ја говореа вистината или поима немаа од водење политика.
За жал, оние егзибиции кои 7 години се случуваа кај нас дома, не доведоа до една ваква ситуација, да на талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот во Европа. Тоа го дочекавме како народ во 21 век. Тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите“ изјави премиерот Мицкоски, по веста во бугарските медиуми дека се брише македонски јазик и македонски идентитет од извештајот на Еврпскиот парламент.
Трите најголеми политички партии во Европскиот парламент – ЕПП, Социјалисти и социјалдемократи и Обновена Европа – се согласија да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија, објави БГНЕС.
Се очекува мнозинството во пленарната сала во Стразбур да ги поддржи амандманите на извештајот на гласањето следната недела.
Комисијата за надворешни работи на ЕП го усвои извештајот за Македонија во кој на четири места директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, тема што предизвика жестоки реакции од официјална Софија во изминатиот период. Во членот 2 од Извештајот, во една точка се наведува:
„(Европскиот парламент…) го повикува Европскиот совет да и даде јавна и недвосмислена поддршка на Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет”.
Во истиот член, со усвоениот амандман во вторникот на 24 јуни, се наведува следното:
„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации”.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата