По 10-15 години нанзад, и во некои случаи и повеќе, се провлекуваат и пренесуваат со година во година податоци за имотот со кој располага државата, односно државните институции. Дел од тие податоци, рутински пренесувани, се неточни и дојдено е време за нивна ревизија. Државниот завод за ревизија ја анализираше состојбата и ги утврди следните неправилности.
Земјиште во приватна сопственост го водат како земјиште под владина сопственост, дел од земјиште се води по локации, без усогласеност со катастарските парцели. Ова е само мал дел од забелешките на ревизорите во конечниот ревизорски извештај за работењето на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР).
Според податоците од Билансот на состојба, вредноста на постојаните средства со кои располага СОЗР, на крајот на 2024 година изнесува над 25,3 милијарди денари или околу 412,7 милиони евра, но ревизијата на Државниот завод за ревизија открива сериозни недоследности во евиденцијата и проценката на овие средства.
Анализата на финансиската документација, внатрешните евиденции и извештаите од годишниот попис покажала дека дел од нематеријалните средства, проценети на 671 илјада денари или 10.900 евра, со години се водат како состојба без промена, уште од 2012 година, при што Службата не располага со никаква документација што појаснува што претставуваат овие средства, дали се употребливи, дали се користат и дали воопшто генерираат приходи.
Најголеми забелешки ревизорите констатирале кај земјиштето, кое во финансиските извештаи е прикажано со вредност од речиси 20 милијарди денари или 325 милиони евра.
Иако за потребите на пописот биле обезбедени просечни пазарни цени од општинските комисии, утврдено е дека евиденцијата на земјиштето се води по локации, без усогласување на површините со податоците од имотните листови и катастарските парцели.
Земјиштето не се евидентира по категории и реална површина, туку збирно се пренесува од година во година, што резултира со неусогласеност меѓу материјалната и финансиската евиденција. Според податоците од општините, вредноста на земјиштето во материјалната евиденција е поголема за речиси 130 милиони денари од износот прикажан во финансиските извештаи, што укажува на нереално прикажување на вредноста и состојба која не е променета уште од 2023 година.
Дополнително, ревизијата открила значајни разлики меѓу податоците за површината на земјиштето во материјалната евиденција и оние во таканаречената Евидентна книга што ја води Службата за недвижностите кои ги користат државните органи.
Како особено проблематично е посочено тоа што земјиште на улицата „Јордан Мијалков“, со проценета вредност од над 439 милиони денари односно 7,1 милион евра, сè уште се води во евиденцијата на Службата, иако истото е во сопственост на приватни правни лица.
За земјиштето во повеќе градови низ државата, меѓу кои Струмица, Кичево, Куманово, Велес, Штип и Дојран, Службата воопшто нема информации дали и за што се користи, ниту дали има промени во сопственоста, иако тоа земјиште има проценета вредност од над 130 милиони денари – 2,1 милион евра. Идентична состојба била утврдена и во ревизорски извештај уште во 2021 година, но препораките за нејзино надминување досега не биле спроведени.
Ревизорите укажуваат и на случаи на нерешени кориснички права, како што е земјиштето под и околу објектот на Владата во Скопје, кое и покрај тоа што користењето на објектот е пренесено на Генералниот секретаријат, сè уште се води во евиденцијата на Службата поради недонесена одлука на Владата.
Дополнителен ризик е констатиран и кај комплексот „Македонско село“, каде што постои земјиште со површина од над 12 илјади квадратни метри за кое не е воспоставена материјална евиденција, иако Службата управува со објектите, а комплексот во меѓувреме е даден на повеќегодишна концесија на приватен субјект.
Во текот на ревизијата, одговорните лица доставиле барања до Агенцијата за катастар за ажурирање на податоците, но ревизорите предупредуваат дека нерешените правни состојби, неусогласените евиденции и долгогодишното непреземање мерки создаваат сериозен ризик од неекономично користење и располагање со државниот имот. Истовремено, утврдено е дека и дел од репрезентативните и резиденцијални објекти во Скопје и Охрид, иако се евидентирани, сè уште имаат нерешен правен статус, што дополнително го усложнува управувањето со вредните државни средства.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата