logo
logo
logo

ИСТОРИСКИ ГОВОР НА МИЦКОСКИ ВО ВЕЛЕС

„Оваа генерација нема да чека и да моли, мора да успее. Ова е последната шанса за успех, народот е уморен од изговори“

Vecer | 08.06.2025

„Оваа генерација нема да чека и да моли, мора да успее. Ова е последната шанса за успех, народот е уморен од изговори“

Историски говор одржа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на 34-тата Конференција на УМС „34 години постоиме за младите“.

Тој се осврна на криминалот и корупцијата на СДСМ и ДУИ, испрати политички пораки до опозицијата дека нереформирани не се и нема во скоро време да бидат избор на македонските граѓани.

Посочи дека е свесен дека народот е уморен од изговори и префрлање на вината и напомена дека луѓето не се селат заради повисоки плати, туку заради нефункционална држава, што мора да се промени.

„Се што правам во оваа без малку една година е да не биде како до сега. Загубените генерации не потсеќаат на времето и не-делата што ги направија, и затоа кога зборувам за тоа што наследивме, тие кои не доведоа до тука не им се слуша.

Но во исто време знам дека народот е уморен од изговори, од меѓусебно префрлање на вината и одбегнување на одговорност за работите кои се заеднички важни“, изјави Мицкоски.

„Денес не ве повикувам само да се надевате. Ве повикувам да се вклучите. Да се борите. Да се исправите. Затоа што никој нема да ни ја даде иднината на тацна“

Македонија што нема да биде заложник на стравот и апатијата, туку двигател на надежта и напредокот. Во овој момент, не ни е дозволено да се двоумиме, порала Мицкоски.

За да покажеме пример најавувам дека на секоја година ќе има ревизија на работењето на секој еден функционер, порача Мицкоски.

"Наредните два изборни циклуси – локалните избори кои следат, и парламентарните избори-кога и да се одржат, ќе бидат борба за две големи работи од кои зависи иднината на државата.

Првата е правдата и борбата против системот кој ги штити криминалците, против криминалот и корупцијата, а втората спроведување реформи.“

Неговиот говор ви го пренесуваме во целост:

„Секогаш со посебна инспирација и чувство на почит и емпатија говорам на настаните на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тука е цветот на младоста. Многу млади луѓе со силни амбиции, различни погледи, многу желби и идеи, но само еден мотив кој води низ сите премрежја, низ сите бури и искушенија- тоа е желбата да изградиме иднина за генерациите кои следат, заедничка иднина тука во нашата татковина Македонија“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски.

Тој истакна дека нема член на партијата кој нема силно изразено чувство на припадност кон Унијата.

„Тука сме растеле, тука сме созревале, тоа е едно заедничко семејство за кои многумина од нас било местото на првите чекори во политиката, првите ангажмани, првите дебати, првите политички акции. И од тука се почнувало, тука созревале многу млади потенцијали, кои подоцна се реализирале во заедничките цели. И кога гледам колку многу ве има, колку само енергија давате, знам дека ВМРО и Македонија имаат иднина“, додаде Мицкоски.

„Благодарен сум што го чувате огнот на Македонија, ги продолжувате приказните и идеите на се она што се темели нашата партија, и тоа не се само основачите од деведесеттите кои длабоко ги почитуваме, туку и идеите на Илинденците кон кои секогаш сме се поклонуваме, тука се и идеите и заветот на многу големи умови на македонското револуционерно дело, кои ја создавале и се бореле за оваа македонска држава, кои со чест и дело се жртвувале за идеали, за нашата слобода, нашето право на самоопределување, во тешки и невозможни услови, кои никогаш не се откажувале, не затоа што било лесно, туку затоа што верувале и кога многумина ги откажувале, и затоа што пишувале историја тогаш и кога ги негирале. Имале визија, ум и непоколеблива храброст. И никогаш не се откажувале“, истакна премиерот Христијан Мицкоски на обраќањето на 34 Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Вашата генерација мора да успее. Ова е последната шанса за успех, народот е уморен од изговори

„Денес имаме битки кои мораме сами да ги водиме, и победи кои мора заеднички да ги издвојуваме. 30 години политичарите во Македонија никогаш отворено и вистински не говореа за младите, за тоа што е потребно да направиме за да тие вистински бидат среќни. Но и никогаш не ги слушаа што тие ни кажуваат, и тогаш кога многу работи укажуваа.

Најголемиот неуспех на една држава се случува кога ќе згаснува жарот на младоста, кога младите ќе се уморат долго чекајќи да бидат слушнати и никогаш нема да дојде нивното време.

Тоа што младите си одат од Македонија не е затоа што нашле подобро место од својот дом, туку затоа што не биле слушнати кога гласно говореле.

Денес мотивот за иселување од Македонија не е само побогат живот во странство, туку и желбата за подобар систем кој не го наоѓаат тука. Затоа си одат професори, доктори и луѓе на кои не им е најважна платата, туку иднината која не ја гледаат тука, системот кој ги изневерил многу пати порано. Затоа што нивните сонови беа уништувани системски и многу долго.

Да погледнеме на вистината во очи. Имаме загубени генерации“, рече во своето обраќање премиерот Христијан Мицкоски на 34 Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

„Моето срце се распарчува кога ќе ги видам празните клупи по факултетите, празните улици по градовите и полните автобуси и авиони со млади луѓе кои си заминуваат. И ова не е неуспех на еден човек, или само една генерација кои воделе политика во Македонија, туку заедничко потфрлање на сите до сега, кои не обрнаа внимание на младите, кои систематски со неспособност, криминал и корупција го уништуваа системот.

Кој не дозволија сонот да стане реалност. Кој секоја желба и мотив ја разградуваа со колективните грабежи, со рушење на системот, со некадарност и грубо префрлање на вината.

Загубените генерации не потсеќаат на времето и не-делата што ги направија, и затоа кога зборувам за тоа што наследивме, тие кои не доведоа до тука не им се слуша.

Но во исто време знам дека народот е уморен од изговори, од меѓусебно префрлање на вината и одбегнување на одговорност за работите кои се заеднички важни“, изјави Мицкоски.

„Работите можеме да ги смениме само доколку отворено пристапуваме и отворено разговараме. И заеднички се бориме. Затоа денес секој чекор кој го преземаме е да ја вратиме надежта и создадеме систем на ред и одговорност. За тоа ни е потребна мобилизација и шанса за секој еден човек кој сака искрено да работи и покажуваме дека може поинаку.

Никогаш не ви ветив чуда, невозможни работи, но затоа беспоштедно и максимално се борам за секој еден човек и за заедничката иднина. И мора да го смениме системот и да ја вратиме надежта.

И знајте – денес не ве повикувам само да се надевате. Ве повикувам да се вклучите. Да се борите. Да се исправите. Затоа што никој нема да ни ја даде иднината на тацна – ќе мора сами да си ја изградиме, тула по тула, борба по борба, ден по ден.

Вие младите не сте само иднината на оваа држава — вие сте нејзиното најсилно сегашно срце. Вие сте генерацијата што ќе ја движи Македонија напред. Не со страв, туку со идеи. Не со поделби, туку со заедништво.

И затоа сакам денес да ви порачам: останете тука. Борете се тука. Градете тука. Македонија има потреба од вашиот ум, од вашата креативност, од вашиот немир што го менува светот. Јас подавам рака на младите и го немаме повеќе луксузот да не успееме. Вашата генерација мора да успее. Ова е последната шанса за успех“, потенцира Мискоски.

Ние, што денес имаме одговорност да водиме, мораме да ја создадеме таа шанса, држава — отворена, фер, со ред и систем. Еве го нашиот предизвик: да не дозволиме Македонија да остане заглавена во стари приказни. Да создадеме нова приказна — ваша приказна. Приказна на успех, знаење, правда и слобода“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од минусно салдо на раст на БДП и последни во Европа до денешен растот на БДП од 3.2%

„Младите на Македонија — вие сте тие што можат да ја променат оваа земја.

Вие сте тие што ќе ја направат подобра. Не постои сила што може да ве запре кога верувате во себе и кога дејствувате заедно. Македонија мора да успее. И ќе успее.

Надежта сте и вие младите и ова е наша заедничка задача. Македонија ја исправаме и даваме резултати, и нив можете да ги видите на патиштата кои ги градиме, во болниците кои ги реконструираме, во школите и градинките кои ги отвораме, во фабриките и инвестициите кои ги носиме.

Затоа што се што правам во оваа без малку една година е да не биде како до сега. И затоа што тие кои сега се нудат како опција, длабоко во себе знаете дека не се опција, туку враќање назад.

И кога истите тие ќе речат што направивте, државата не е на правиот пат, патот по кој Македонија ја водевте беше пат на инфлација, стагнација и грабеж. Затоа што денес стигнавме и направивме многу повеќе од многу години кои тие ги потрошија.

Од минусно салдо на раст на БДП и последни во Европа до денешен растот на БДП од 3.2 отсто и 4-та економија во Европа.

Од последни во Европа по странски инвестиции, до први во Европа со 1 милијарда и двесте педесет и пет милиони евра што е најдобар резултат од независноста до денес.

Од двоцифрена инфлација до ниска 2.7% за месец март.

Порано растеа само платите на функционерите, а денес растат платите на работниците од 9 до 10 проценти на годишно ниво.

Од индустриското производство кое беше минус 2, до раст на индустриско производство за март од 5.2. Од автопат Кичево Охрид кој стагнираше, и беше најважно подизведувачите да се од Кичевски Зајас или струмичко до автопат кој се гради и кој за една година ќе биде готов.

Затоа што нема повеќе тендери во 4 очи и денес има одговорност.

Од руинирани и запустени студентски домови, до студентски домови кои се градат и осовременуваат.

Од срамни и штетни договори до стратешко партнерство со Обединетото Кралство.

Од одземена и обезличена Македонија до Македонија која е повторно ваша, и кажува што сака и за што се бори.

Помина времето кога криминалците и клановите беа главни, кога Артановци и Заевци од државата имаа свој пашалак.

Македонија се исправа, и победува.

Македонија припаѓа повторно на народот. Ова е ново време“, рече во своето обраќање премиерот Христијан Мицкоски на 34 Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Владината поддршка ќе продолжи, интензивно работиме на проект кој ќе биде од историско значење за Кочани

„Сакам да се осврнам и на познатата стратегија на СДС да ги злоупотребува сите колективни или индивидуални несреќи и да создава политика од нив“, рече Христијан Мицкоски во своето обраќање на 34 Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Мицкоски потенцира дека сака да предупреди за скриената и се поголема манипулација и свесно фрлање на прашина во очите на целата јавност која се прави со темата Кочани.

Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење, каде од поддршка на жртвите од Кочани ќе видете како говорат за катни гаражи, водоводи канализации, исполнети неисполнети ветувања и се така во духот на локалните избори“, рече тој.

А јас нема да дозволам на грбот на напатениот народ да прават политика и безобразно да ги злоупотребуваат судбините на цел еден град. За Кочани не се помага со прес конференции, туку со дела, а историјата на СДСМ на груба злоупотреба на трагични случаи станува препознатливо портфолио на политичкото делување на оваа партија, што само покажува во каква очајна состојба е оваа партија во отсуство на реални проекти и политики со кои би го привлекле вниманието на јавноста“, потенцира Мицкоски.

„Што се однесува до владината поддршка за Кочани таа ќе продолжи и воедно сакам да објавам дека интензивно работам на проект кој ќе биде од историско значење за градот, и ќе помогне директно за животот на секој еден жител на Кочани. Со тоа што драматично ќе се подобрат условите за живот. Деталите за овој проект на кој интензивно работат очекувам да ги соопштам многу брзо откако ќе бидат финализирани сите детали“, додаде Мицкоски.

И денес СДС не ги научија лекциите, истата матрица и реторика

Следуваат избори во кои убедливо ќе победиме заедно и ќе испратиме порака времето на Македонија доаѓа, објави премиерот Мицкоски на говорот во Велес по повод годишнината на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Во говорот тој се осврна на неколку важни теми.

„Го слушам лидерот на опозицијата вели дека СДСМ ги градела темелите на Македонија. Која Македонија Венко? Кои темели ги градевте? Онаа држава на која и го сменивте името? Онаа држава на која и го сменивте знамето, уставот…. или ја уценивте со бугарски диктат, за кој сега велите дека единственото решение е да прифатиме се што бараат Бугарите. И самите тие знаат дека проблемот не е смена на уставот, туку промена на идентитет.

Јасно е како бел ден, тоа се гледа на отворена сцена, тоа секој ден го повторуваат бугарските политичари, и сите тоа го слушаме и знаеме само нашата опозиција тоа не го гледа. Уплашени се да не помине резолуцијата за македонскиот јазик, повеќе него бугарската влада. Затоа што 7 години не помрднаа со прст да ја раскажат вистината за уцените и блокадите и сопките на источниот сосед. Така се бранеа себе си и ја наведнуваа главата и кичмата затоа што така купуваа поддршка и мислеа ќе ги остават на власт, заборавајќи дека народот го има крајниот збор.

И денес не ги научија лекциите, истата матрица и реторика. Бугарските позиции во Македонија СДС ги брани подобро од Ковачев во Европскиот парламент. Што само укажува дека нивната тактика е да се додворуваат на секој на меѓународна сцена, ќе прифатат се што треба само да дојдат до власт. Но тоа нема да се случи, затоа што народот добро ги препознава ваквите игри кои се директно на негова штета и штета на нашата заедничка иднина.“

За барањето на ДУИ за предвремени избори

„Не сум сигурен дали ги сакаат, или толку им се брза да продолжат да бидат во опозиција. Сакам да порачам дека наредните два изборни циклуси локалните избори кои следат, и парламентарните избори - кога и да се одржат ќе биде борба за две големи работи од кои зависи иднината на државата.

Наредните два изборни циклуси – локалните избори кои следат, и парламентарните избори-кога и да се одржат, ќе бидат борба за две големи работи од кои зависи иднината на државата.

Првата е правдата и борбата против системот кој ги штити криминалците, против криминалот и корупцијата, а втората спроведување реформи.

Борба ќе има и за враќање на Македонија на вистинскиот пат, за враќање на нејзиното достоинство, нешто што минатата власт не го направила, рече вечерва премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 34. Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, следуваат избори на кои ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата убедливо ќе победат и ќе испратат порака дека времето на Македонија доаѓа, а завршува времето на деструкцијата, негрижата, криминалот, распородажбата на македонските интереси.

Ја слушам опозицијата, рече Мицкоски, се фали како ги поставила темелите на државата.

„Затоа одовде сакам да ги прашам кои темели ги градевте вие. Дали оние кога во времето на транзицијата ја ограбивте и опустошивте Македонија, кога нашите родители губеа работа, кога имаа неизвесна егзистенција за себе и своите семејства. Дали за тие темели зборувавте или пак за оние темели кога го менувавте името, знамето и го прифаќавте срамниот договор со Бугарија ставајќи ја Македонија во поредена улога“, праша Мицкоски.

Тој додаде дека претходната власт, сега опозиција е уплашена затоа што знае дека оваа генерација, оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во изминатите година дена врати голем дел од позициите на меѓународен план од тоа што тие од СДСМ го продадоа.

„И денеска со гордост ја раскажуваме нашата приказна за Македонија во Минхен, победуваме и во Берлин и во Лондон и во Брисел и во Вашингтон, зборуваме за нашата Македонија. Тоа ги боли затоа што се кукавици и знаат што направија и затоа што знаат какви шајки коваа на рацете на македонскиот идентитет, а ние го враќаме. Ќе се бориме целосно да го вратиме.

Не знам дали ќе успее да го врати оваа генерација, но знам дека ќе оставиме на вас, на генерациите кои доаѓаат подлога да сето она што овие од СДСМ го продадоа, достоинствено со крената вглава да го вратите за Македонија и македонските граѓани“, истакна македонскиот премиер.

Тој се осврна и на Резолуцијата за Македонија што треба да биде донесена во Брисел и истакна оти позади нас се денови кога се бореле таа да биде усвоена, бидејќи во неа за првпат од осамостојувањето на нашата татковина се зборува за посебен македонски вековен идентитет, за посебен македонски јазиј за наследство кое е старо со векови…

„Кога не гледаа како се бориме молеа бога да не успееме. Кога гледаа како аргументираме и на маса ја добиваме битката се молеа да не успееме. Им олесна кога Во Брисел одлучија извештајот да го поместат за 24 јуни. Но, нема бегање. Тој извештај ќе биде усвоен затоа што цела Европа и Брисел знаат за вековниот посебен македонски идентитет и македонски јазик и тоа ќе го поддржат“, рече Мицкоски.

Првата е правдата и борбата против системот кој ги штити криминалците, втората борбата за реформи и декласирање и превоспитување на ДУИ.

И како што ветив дека ДУИ ќе оди во опозиција и тоа беше моето прво исполнето ветување на оваа гарнитура така сега ви кажувам во оваа држава мора да има ред и да се почитуваат законите.

Пречка за тоа е корумпираниот систем кој го затекнавме и десетиците извршители на криминалците во партиите, во институциите и во обвинителството и судството кои се составен дел од мафијата која со децении се создаваше во тој свет, поврзана со разни личности од разни партии.“

Победата на ВМРО-ДПМНЕ е извесна

„Сосема извесно е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат и дека има шанси СДСМ да остане и без една освоена општина. Тоа за мене потврда за огромната поддршка од народот, но и огромна одговорност што значи дека мора да се има отчетност, да не се заборават вредностите кои ги имаме и ветивме на народот.

Но и да се продолжи да се работи со несмалено темпо. Обврската која ја добивме од граѓаните пред се значи одговорност, која не се гледа само во начинот на кој се води политиката туку и според начинот на кој се однесувате во секојдневието.

Секој еден функционер треба да има на ум дека народот живее тешко и дека мора одговорно да се однесува секој од владата кон секој еден народен денар со кој управуваме.

Свесен сум дека јавноста е сензибилизирана околу улогата на функционерите нивните ангажмани и активности и свесен сум за лошите искуства со претходните функционери 30 години наназад, со однесувањата и раскалашеноста.

Оправдани се грижите кај дел од јавноста тоа да не се повтори.

И иако патувањата се дел од редовните обврски на владата и се нормална работа секаде, и дел од нашата сеопфатна агенда за промовирање на државата, привлекување инвестиции, утврдување и усогласување на меѓудржавни договори, и промоција на идентитетот и националните позиции и интереси, сепак, за да не се отвара простор за сомнеж ќе предложам во периодот што следи за да нема такви недоследности секое едно службено патување од поголем карактер ќе мора да биде претходно одобрено од владата.

Воедно сакам да објавам и дека ќе донесам препорака на влада да се стопираат сите трошоци за репрезентација на сите владини функционери освен оние трошоци што се за пречек на странски делегации и меѓудржавни протоколарни средби.

Не смее да има некаков сомнеж во нашите намери за домаќинско и одговорно работење. Не смееме да го разочараме народот кој во нас гледа надеж за промени и враќање на сонот за Македонија која има иднина.

Затоа што ветивме работа, и знам колку посветувам внимание и го слушам народот и знам дека мора да правиме разлика од се што беше порано.

Би додал и порака за функционерите од ВМРО-ДПМНЕ. Има добри примери, но има и неколку примери кои можат и мора да работат посилно.

За да покажеме пример најавувам дека на секоја година ќе има ревизија на работењето на секој еден функционер.

Не смее никој да заборави од каде доаѓа, од каде произлегол, кој ги донел на власт и каде ќе се вртат по власта.

Не смее ниту во еден момент да се заборави на народот, мора да останате сервис и на услуга на народот постојано, и само така ќе бидете гордост и на базата партијата, и на сите кои трчале, макотрпно работеле да бидеме она што сме сега, убедливо најголемата политичка сила во државата.

Најскапото нешто што еден човек може да го остави е чистиот образ и честа на своето име и дело по кој се препознава. Тоа треба да го запамети секој еден кој денес управува со државата.

Сите ние денес стоиме на темелите што ги градиле нашите предци. Темели изградени од жртва, од пот, од соништа што се претвориле во химна. Земја што многумина ја пееле, ја бранеле и ја сакале.

Македонија не е само географија. Македонија е идеја. Македонија е вера во утрешниот ден. Македонија е зрак што не се гаси,

На оваа раскрсница од нашата историја, имаме одговорност што не смееме да ја избегнеме. Да изградиме Македонија што ќе биде праведна, силна и успешна држава. Македонија што нема да биде заложник на стравот и апатијата, туку двигател на надежта и напредокот.

Во овој момент, не ни е дозволено да се двоумиме. Ни е потребна јасна визија и цврста волја. Ни е потребно обединување околу темелните вредности: демократија, слобода, правда и достоинство.

Ги гледам младите на оваа земја. Во нивните очи гледам амбиција. Во нивните срца — неискажана љубов кон татковината. Тие се нашата иднина. Тие се нашата најголема надеж.

Но, надежта сама по себе не е доволна. Ние, генерацијата што сега води, сме должни да им создадеме држава во која нема да заминуваат со чемодани на аеродромите, туку ќе остануваат со проекти, соништa и ентузијазам.

Затоа, нека ни биде јасно: Македонија мора да успее! Не смееме да прифатиме ништо помалку. Не за нас, туку за нив — за младите што доаѓаат,“ заврши Мицкоски во говорот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk