logo
logo
logo

„Поширок прозорец на можности“ за Македонија?!

ВО БРИСЕЛ СТИГНА ПРЕДЛОГОТ НА МЕРЦ за забрзана интеграција и на Западен Балкан во ЕУ

Vecer | 22.05.2026

ВО БРИСЕЛ СТИГНА ПРЕДЛОГОТ НА МЕРЦ за забрзана интеграција и на Западен Балкан во ЕУ

Eвропската комисијата денеска потврди дека го примила писмото од германскиот канцелар Фридрих Мерц, во кое предлага забрзана интеграција на Западен Балкан и Молдавија, како и придружно членство за Украина.

– Тоа покажува дека постои силна посветеност на земјите-членки проширувањето да стане реалност, што е можно поскоро. Многу е јасно дека проширувањето сега е геостратешка инвестиција во нашиот просперитет, мир и безбедност, наведе портпаролот на ЕК, Гијом Мерсие.

Тој додаде дека членството на Украина во ЕУ е суштински поврзано со безбедноста на Унијата, но оти „подеднакво е важно да се заврши процесот на проширување на ЕУ со сите земји-кандидатки кои работат кон пристапување со години“, при што „сите иновативни решенија треба да бидат водени и од процес заснован на заслуги“.

Но, Мерсие не одговори дали идејата за придружно членство во ЕУ е правно можно без измени на договорите и едногласно одобрување од земјите-членки.

– Сè уште не сме во фаза на правна дискусија, туку политичка дискусија што треба да се одржи во рамките на Европскиот совет. Проширувањето е дискусија водена од земјите-членки. Комисијата е таму за да го олесни процесот и да обезбеди експертиза, но прво ни е потребна политичка дискусија, истакна Мерсие.

Сиљановска Давкова: Претпочитам полноправно членство во ЕУ, но треба да се видат алтернативите и на кого се однесуваат

Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова во врска со иницијативата на германскиот канцелар Мерц за забрзување на пристапувањњето на Украина и земјите од Западен Балкан во ЕУ истакна дека претпочита полноправно членство. Но, како што таа изјави, „ако се рече дека нема веќе полноправно членство, а треба некако да бидеме во контакт, или во кондиција, или во соработка, може да се разговара и да се види што значи тоа“.

Сиљановска Давкова посочи дека „предлозите, творечки, различни, не доаѓаат само заради профилот на земјите кандидатки од Западен Балкан или Молдавија и Украина, туку доаѓаат и од внатрешни потреби“. Бидејќи, дополни, и ЕУ е соочена со потреби од реформи, не само заради поголемиот број на членки и посложениот процес на одлучување, туку и заради светските состојби, и тогаш внимателно се постапува.

„Предлогот на Мерц не е нов, само што има нова синтагма – има „асоцијативно членство“. Едно време истото го слушавме од Меркел во поглед на Турција, околу асоцијативното членство. Доколку се мисли на тоа дека во овој миг на нужни реформи и во ЕУ, ама и во една непредвидлива политичка сцена, е важно сите кандидати кои исполнуваат определени услови на патот кон ЕУ, врзани како за Планот за раст, треба на некаков начин да бидат блиску до ЕУ, да не останат надвор, да бидат во игра, да бидат во кондиција во надградувањето и исполнувањето на копенхашките критериуми, се разбира може да се размислува за тоа. Меѓутоа, многу рано е. Не е само предлогот, сега од Мерц, имаше и многу други предлози.“ – рече претседателката Сиљановска Давкова.

Прашана дали за Македонија е прифатлива друга алтернатива, освен полноправно членство во Европската Унија таа одговори дека тоа не зависи само од нас туку и од предлагачот.

„Не би можела да ви кажам во моментов, бидејќи не зависи од нас – „прифаќам“ или „не прифаќам“. Зависи и од предлагачот. Значи, јас претпочитам полноправно членство, зашто на тој пат сме тргнале за полноправно членство. Но, ако се рече дека нема веќе полноправно членство, а треба некако да бидеме во контакт, или во кондиција, или во соработка, може да се разговара, да се види што значи тоа.“ – рече Сиљановска Давкова.

Според неа, треба да се видат алтернативите и на кого се однесуваат. Не сакам да бидеме „ние“ исклучокот – рече претседателката на македонската држава Сиљановска Давкова.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk