logo
logo
logo

Му се суди по падот од тераса на неговата сопруга Ивана и нивната 6 годишната ќерка Катја

Обвинителството бара максимална казна за Стојанче Јовановски, АДВОКАТИТЕ ПРОТЕСТИРААТ ЗОШТО НЕ Е ОБВИНЕТ И МАРТИН САЗДОВ

Vecer | 28.04.2026

Обвинителството бара максимална казна за Стојанче Јовановски, АДВОКАТИТЕ ПРОТЕСТИРААТ ЗОШТО НЕ Е ОБВИНЕТ И МАРТИН САЗДОВ

Максимална казна за Стојанче Јовановски побара обвинителството на кој му се суди по падот од тераса на неговата сопруга Ивана и нивната 6 годишната ќерка Катја.

Обвинетиот негираше дека трагедијата е предизвикана од него.

Неговите адвокати пак со спротивставени завршни зборови. Едниот тврди дека е невин, другиот му пресуди. Јовановски е обвинет за 3 кривични дела, нанесување телесна повреда како резултат на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.

„Обвинителството предлага максимална казна за сите три кривични дела. Не само заради Ивана. Не само заради Катја, туку заради и пораката дека психичкото и семејното насилство може да убива исто толку сигурно како и физичката сила. Обвинителството бара казна која ќе испрати јасна порака дека ваквото однесување не смее и нема да биде толерирано“ – рече Адела Бојчевиќ, обвинителка.

Зошто посегнала по животот на своето дете, одговорот според обвинителката го дало темелното психијатриско форензичко вештачење. Ивана сметала дека детето е во опасност.

„Оваа перцепција не е израз на вистинска намера да му наштети на детето, туку искривен механизам на заштита, кој се јавува кај жртви на хронична траума и насилство. Имено во тој момент Ивана верувала дека детето ќе продолжи да страда ако остане со татко му Стојанче, дека нејзината ќерка Катја ќе биде малтретирана како што била и таа и во тие моменти единствена „заштита“ за Катја било да ја земе со себе“ – рече Адела Бојчевиќ, обвинителка.

Неда Чаловска, адвокатката на семејството на Ивана посочи дека праксата на Европскиот суд за човекови права е дека судовите мора да обрнат внимание на континуираното насилство што е особено важно за наведувањето на самоубиство.

Јовановски повторно вината ја впери кон сведокот Мартин Саздов, кој бил во љубовна врска со неговата сопруга додека биле разделени. Тврди дека Саздов ја тепал Ивана, а тој немало да ја остави во станот сама со Катја да не бил присилен од Саздов.

„Сведоците спротивно на вистината сведочеа со цел да ме оцрнат како личност на која јас не припаѓам. Се би дал да можам да го вратам моето дете и мојата сопруга“ – рече Стојанче Јовановски.

Неговиот адвокат Даворин Анѓелески посочи дека обвинителството нема доволно докази за кривичните дела. Додека пак неговиот колега Митко Солаков смета дека Јовановски е виновен за нанесување телесна повреда и загрозување на сигурноста, но за наведување на самоубиство требало да биде обвинет и Саздов.

-„Евидентно е дека имаме безброј материјални и вербални докази за неговата суровост во однос на жртвата, меѓутоа не можеме толку да го оцрниме Стојанче има и една бела точка кај него, а тоа е љубовниот триаголник во кој се наоѓал. Лицето Мартин сведокот кој што глумеше лудило и јас мислам дека обвинителството требаше паралелно да го обвини. Јас лично ценам дека жртвата на критичниот ден и настан била доведена во една безизлезна состојба, а каде се наоѓа таа безизлезност, точно од љубовниот триаголник“ – рече Митко Солаков, адвокат.

Вкупната максимална казна за трите дела е 13 години. Пресудата ќе биде изречена на 7 мај.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk