logo
logo
logo

Вреди: НА ДЕЛО ГИ ИСПРАВУВАМЕ НЕПРАВДИТЕ ОД МИНАТОТО, младите во нас имаат партнер

Vecer | 19.05.2026

Вреди: НА ДЕЛО ГИ ИСПРАВУВАМЕ НЕПРАВДИТЕ ОД МИНАТОТО, младите во нас имаат партнер

Барањето на албанските студенти за полагање на правосудниот испит на мајчин јазик се решава институционално. На работната средба со претседателот на Владата постигнат е конкретен договор институциите да најдат решение и веќе активно се работи на тоа решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните, соопшти Вреди.

„Студентите побараа правосуден испит, но Вреди самоиницијативно ја мапираше целата соодветна проблематика. Нема да застанеме само тука, веќе работиме на законски решенија со кои сите професионални испити и постдипломски лиценци за работа во земјата ќе им бидат достапни на младите на нивниот мајчин јазик. Наша цел е логичен и праведен систем: тој што студирал на албански, да може на албански да ја добие и својата лиценца за работа“, се наведува во соопштението од Вреди.

Оттаму додаваат дека кога Вреди се нафаќа за решавање на наследените проблеми, тие стануваат реалност.

„Како што по пример, веќе успешно е решено прашањето со стручните медицински испити за лекарите и стоматолозите на мајчин јазик, како што го решивме правото за воспитувачите во градинките, и како што донесовме достоинствени и долгоочекувани решенија за статусот на Медресата и дислокацијата на казината, така брзо и ефикасно ќе ги затвориме и сите преостанати неправди кои со години беа оставени како заложници“, нагласуваат од Вреди.

Од партијата велат дека младите во нив имаат партнер кој создава еднаквост, достоинство и реална претставеност во институциите.

„Наша обврска е да создадеме услови во кои младите повеќе нема да имаат потреба да протестираат, туку ќе имаат причини да слават и да ја градат својата иднина дома. Вреди на дело докажува дека политиката ја разбира единствено како обврска за носење решенија, а не како платформа за празни зборови и бескрајни ветувања. Нашата мисија е јасна, институционално да ги исправиме неправдите кои со децении беа наталожувани како последица на половични решенија и политички пазарења од минатото“, велат од Вреди.

Тие порачуваат дека не смее и нема да дозволат зад искрените студентски иницијативи да се кријат компромитирани политичари и структури кои се болни за власт и кои преку ноќ станале „загрижени“ за правата кои самите ги газеле и игнорирале повеќе од две децении.

„Студентите протестираа против неправдите кои потекнуваат токму од времето на ДУИ, време кога петмина албански министри за правда не мрднаа со прст за да го решат прашањето на мајчиниот јазик. Тие што со години го стеснуваа здивот на младината, денес нема да ја инструментализираат нејзината иднина за спас на сопствениот капитал. Ние не се криеме од проблемите, туку се соочуваме со нив“, нагласуваат од Вреди.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk