Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази задоволство од усогласувањето на заедничката изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, која се однесува на договорот за трговија што двете држави ќе го потпишат, а со кој ќе се овозможи подобра економија и повеќе можности за македонската економија.
Со стратешкото партнерство со Велика Британија и Обединетото Кралство, завршувањето на постмониторингот на Советот на Европа и потпишувањето на овој договор со САД, истакна Мицкоски, се заокружува дипломатската офанзива во првите дваесетина месеци од оваа нова Влада, посочувајќи дека станува збор за историски договори.
– Дозволете ми да им честитам на македонските граѓани за онаа убава вест која што на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија што понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонската економија. На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија и Обединетото Кралство, после избришаниот постмониторинг на Советот на Европа, овој трговски договор, којшто ќе биде во рамките на заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата куќа, ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада. И тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава – изјави премиерот Мицкоски, кој од денеска учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција.
Зборувајќи за денешните активности, тој посочи на средбите со високи претставници со компанијата Шварц, една од најголемите во светот и една од најголемите во Германија со годишни приходи од повеќе од 180 милијарди евра, која вработува повеќе од 6.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, меѓу кои и во нашата Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата