logo
logo
logo

ВМРО-ДПМНЕ: Бегањето на СДС од лидерската средба е ПОЛИТИЧКА НЕОДГОВОРНОСТ

Vecer | 15.01.2026

ВМРО-ДПМНЕ: Бегањето на СДС од лидерската средба е ПОЛИТИЧКА НЕОДГОВОРНОСТ

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски и Петар Ристески остро реагираа на одлуката на СДСМ да не учествува на лидерската средба свикана од премиерот и претседател на партијата, Христијан Мицкоски, оценувајќи ја како уште еден доказ за политичка изолација и деструктивен однос кон државните прашања.

Гостувајќи во емисијата „Став на регионот“ на телевизија Њузмакс Балканс, Јаревски изјави дека бојкотот на СДСМ е типичен пример на бегање од одговорност.

„Кога немате решение, кога немате легитимитет или кредибилитет, нормално е да барате начин да избегнете соочување со аргументи и факти. Тоа е погрешна стратегија“, истакна Јаревски, додавајќи дека Владата и премиерот оставиле целосно отворен простор за дискусија, без однапред утврден дневен ред, токму за да се овозможи инклузивен политички дијалог.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ доследно инсистира на вклучување на сите релевантни мислења и предлози со цел да се креира подобра иднина за државата, потенцирајќи дека политичката одговорност не се покажува само во кризни моменти, туку преку континуиран дијалог.

„Секогаш треба да се има инклузивен пристап и инклузивен процес. Не станува збор само за државнички одлуки, туку за одговорен однос кон раководењето со државата“, истакна Јаревски.

Тој оцени дека СДСМ со своето однесување сè повеќе се изолира од политичката реалност, избегнувајќи расправи и во Собранието, и во комисиите, како и во јавните дебати.

Слична порака упати и пратеникот Петар Ристески, кој гостуваше во емисијата „Анализа“ на ТВ 24. Тој рече дека лидерската средба покажала дека во Македонија е можен нормален политички дијалог, кога постои волја за тоа.

„Го видовме тоа кога сите лидери на парламентарните партии, освен СДС, седнаа на иста маса и разговараа за важни политички и економски прашања. Тоа е вистинскиот начин на водење политика и така ќе продолжи и понатаму“, изјави Ристески.

Според него, местото на претседателот на СДСМ било токму на таа маса, каде можел да ги искаже своите ставови, да предложи решенија и да учествува во креирањето на политичките процеси.

„Ако СДС е сериозна партија и ако има сериозен лидер, тогаш не смее да си дозволи ваква деструктивност. Местото му беше таму – да дебатира, да критикува, да предлага“, порача Ристески.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека лидерските средби ќе продолжат и дека Владата ќе остане отворена за дијалог по сите клучни прашања, без оглед на тоа дали опозицијата ќе избере да учествува или да остане во самоизолација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk