Доаѓа молер, плочкар или одите на автомеханичар, плаќате во кеш, без сметка и парите не се даночат. Тоа е учество на секој од нас во сивата економија. Тој неоданочен кеш потоа завршува од рака на рака, а една од рацете е онаа која прима мито. Тоа е патот на корупцијата во која учествува голем дел од општетсвото.
Во Македонија, барањето мито и натаму претставува сериозен општествен предизвик, со процент на случаи кој е споредлив со просекот од соседните земји.
Според новата анализа на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), корупцијата останува на високо ниво, при што речиси секој трет граѓанин се соочил со барање мито, а отпорот на овие појави е многу низок.
„Минатата година за целиот регион укажува на сè уште високо ниво на барање мито. Просекот во регионот изнесува 33%, а кај нас 31%. Она што загрижува е што речиси 90% од оние што се соочиле со ваква ситуација навистина и дале мито“, изјави Александар Кржаловски од МЦМС.
Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, ја нагласи важноста на граѓанските организации во борбата против коруптивните појави, вклучително и барањето мито.
„Со повторното воспоставување на Советот за соработка со невладините организации, создадовме услови за постојана поддршка. Тоа ќе овозможи стабилност и континуитет на активностите насочени кон борба со корупцијата“, рече Фетаи.
Заменикот-амбасадор на ЕУ во Скопје, Бен Нупнау, потсети дека прашањето за корупцијата е постојано присутно во извештаите за напредокот на земјата.
„Барањето мито и другите форми на корупција не може да се решат само од страна на политичките елити. Неопходно е вклучување на граѓанскиот сектор и самите граѓани кои ќе дејствуваат како активни чувари на отчетноста и транспарентноста“, истакна тој
На дебатата под наслов „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“, учесниците разговараа за нови методи за спречување на незаконски финансиски текови и зајакнување на механизмите против стратешка корупција. Дел од фокусот беше ставен и на нови пристапи кон превенција и ограничување на барањето мито во јавната администрација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата