Бројни средби со бизнисмени оствари македонската делегација која ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на вториот ден од Светскиот економски форум во Давос.
Мицскоски информира на фејсбук дека имал состанок со сопственикот на компанијата „Фор-ај-џи“ (4iG), компанија која што ја доби дозволата за третиот мобилен оператор во Македонија.
-Разговаравме за неговите планови, откако нормално ги упати средствата кои што се потреби за добивање на лиценцата. Она коешто тој ме информираше е фактот дека во следниот период ќе инвестира повеќе од 100 милиони евра во развој на третиот мобилен оператор.
Што добиваат граѓаните? Граѓаните добиваат нова компанија која ќе нуди мобилни услуги и компанија којашто, сигурен сум дека ќе влијае позитивно во намалување на цените на услугите кои што мобилните оператори ги нудат за граѓаните во Македонија – вели Мицкоски.
Мицкоски учествувал и на панел- дискусијата со светските лидери и претставници на мултинационални компании за предизвиците на човештвото во годините коишто следат, потенцирајќи ја вештачката интелигенција.
-Се разбира еден од најголемите предизвици е вештачката интелигенција. Но, вештачката интелигенција само по себе не значи ништо, отколку само два обични збора.
Но, кога ќе влезете во суштината ќе сфатите дека за да вие создадете општество кое што во иднина сериозно ќе ја користи вештачката интелигенција потребни се неколку предуслови, пред се сигурна енергетска стабилност и нормално развој, бидејќи сите оние дата центри имаат потреба од струја, односно од електрична енергија и второ ни треба ИТ инженери односно ни требаат инженери кои што ќе ја користат таа вештачка интелигенција за потребите на општеството и потребите на граѓаните – вели Мицкоски.
Тој додава дека како држава не смееме да останеме надвор од овие процеси, бидејќи тоа се процесите коишто ќе имаат водечка улога во следните години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата