Истовремена изградба на шест автопатски делници во државата во текот на втората половина од годината - најавува Владата. Кон крајот на овој месец или во почетокот на следниот се очекува да почнат работи на терен за вториот дел од автопатот Скопје - Блаце, а во септември или октомври и градежните работи за автопатот Кичево - Букојчани. На терен се заокружуваат работите за целосно ставање во функција на автопатот Кичево - Охрид, а се работи и на делниците Тетово - Гостивар, Гостивар - Букојчани и Прилеп - Битола од проектот со „Бехтел и Енка“.
Финансиите за тие проекти се дел од најавените 10 милијарди евра од страна на Владата во капитални инфраструктурни проекти и инвестиции во наредните 10 години.
На автопатот Кичево - Охрид (57 километри), што се гради веќе 12 години и од кој се пуштени 34 километри, се очекува делницата од Извор до Врбјани да биде овозможена за сообраќај најдоцна до септември или октомври оваа година, а делницата од Врбјани до Ботун исто така да биде ставена во функција во согласност со предвидената динамика на градежните работи.
- Очекуваме, според оптимистичкото сценарио, делницата од Извор до Врбјани, вклучувајќи ги и вијадуктите и тунелите, да биде пуштена во употреба до Денот на независноста - 8 Септември. Доколку има дополнителни доработки, рокот би можел да се помести до септември или октомври. Целосното пуштање во употреба на автопатот, од Кичево до излезот кај Охрид, каде што се наоѓа единствената преостаната делница што сè уште не е поврзана со автопатско решение, го очекуваме во првиот квартал од 2027 година. Потоа ќе останат уште приближно три километри, кои во моментот завршуваат кај селото Ботун. Овие три километри треба да се приклучат на делницата од Букојчани, каде што завршува проектот на „Бехтел и Енка“, до точката на поврзување со постојниот автопат. Тоа се приближно 10 километри. Договорот со заемодавачите е потпишан, средствата се обезбедени, тендерската постапка е завршена и избрана е компанија што ќе ги изведува градежните работи. Во моментот се чека конечна согласност од заемодавачите по што ќе следува период за евентуални жалби и понатамошни процедури - рече на брифинг со медиумите премиерот Христијан Мицкоски.
Откако беше раскинат договорот со кинеската Ексим банка со кој се финансираше изградбата на Кичево Охрид државата со домашните банки обезбеди 175 милиони евра за негово завршување. Со тие средства се предвидува целосно завршување на автопатот вклучувајќи ги и споредните патишта, оградите, рабниците, сигнализацијата, како и целокупната контролна и безбедносна опрема во тунелите.
Според Мицкоски, и со дополнителното финансирање цената за километар останува пониска од цената на делниците на Коридорот 8 и Коридорот 10д, што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“.
За автопатската делница Букојчани - Кичево, проектирана со должина од 11,5 километри, доколку процедурите се одвиваат според планот, се очекува во септември или октомври да почнат градежните активности на терен. Проектот се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој, во вредност од речиси 220 милиони евра. Веќе е избран најповолен понудувач за изградбата и се очекува банката да даде конечен одговор по завршувањето на целата постапка.
За изградбата на вториот дел од автопатот Блаце - Скопје, во должина од 10,5 километри исто така избран е понудувач, има жалба, која во прв степен е одбиена, во тек е второстепена постапка, и се очекува разврска. Се очекува неделава да има повратна информација и овој месец или во почетокот на следниот да почнат работите на терен. Вкупниот буџет изнесува 215 милиони евра, исто така од ЕБРД.
Од проектот со конзорциумот „Бехтел и Енка“, доколку работите се одвиваат според планот, се очекува првите 11,5 километри од делницата Прилеп - Битола да бидат пуштени во употреба во основно автопатско решение до септември 2027 година. Премиерот повтори дека Владата за проектот со „Бехтел и Енка“ затекнала состојба во која биле исплатени речиси 350 милиони евра авансно, а две години практично немало значителен напредок на терен.
Направени се законски измени и обезбедена е поодржлива финансиска конструкција. До крајот на годината финансиската конструкција за проектот е затворена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата