logo
logo
logo

ИМА ПО 600-700 ПРЕСТАВКИ ЗА СУДИИ - Како судскиот совет не се бори против криминалот и корупцијата во своите редови

Vecer | 28.01.2026

ИМА ПО 600-700 ПРЕСТАВКИ ЗА СУДИИ - Како судскиот совет не се бори против криминалот и корупцијата во своите редови

Кога Советот за жалби при Врховниот суд укинува наша одлука, секако дека ги почитуваме напатствијата и постапуваме по нив со цел да донесеме правилна, законита одлука, вели претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, прашан за став откога апелациската судијка Наташа Савовска-Димитровска на прес-конференција го повика Советот при повторното постапување по одлуката за нејзино разрешување да „се издигне на нивото на задачата“.

Камбовски во изјава за медиумите пред почетокот на денешната седница на Судскиот совет рече дека Советот „секако постапува и во тој предмет и во сите што ги има“.

– Дали денеска на седница ќе се најде токму оваа точка – ќе видиме. Дневниот ред е утврден, дали денеска ќе успееме сите точки да ги поминеме или тоа ќе биде во два-три дена, не можам точно да ви кажам. Сè е во зависност од тоа како ќе се одвиваат точките што ги коментирате – изјави Камбовски.

За судијата со заѕидани 350.000 евра Ѓоко Ристов

Судскиот совет постапи по барањето на Основниот кривичен суд, и да дозволиме сега истрагата да утврди тоа што е потребно, вели претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски прашан за став по одземањето на имунитетот на судијата Ѓоко Ристов, кој се товари за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело откако во домот на неговите родителите во Неготино полицијата пронашла 350.000 евра заѕидани во ѕид за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.

Камбовски, во изјава за медиумите пред почетокот на денешната седница на Судскиот совет, рече дека не знае точно колку пријави имало против судијата Ѓоко Ристов, но дека пријави од негови колеги од Апелација во Судскиот совет досега немало.

-Видете, во Судскиот совет има безброј претставки. Од прва, јас не се сеќавам конкретно дека имало претставка за земање мито или нешто слично. Еден пример, колку што се сеќавам, се водеше за негово неизземање во предмет, а требало да биде изземен. А вакви конкретни … сега не можам да се сетам. Како што ви кажав, ќе ви одговориме официјално, не сакам да испадне дека имало некоја претставка, а јас во моментов да не се сеќавам и да ви дадам неточна информација, кажа Камбовски.

Прашан дали „имало пријави од судии, колеги од Апелација, конкретно за колегата Ѓоко Ристов“, Камбоски вели не.

-Не, не. Во однос на тоа што биле другите пријави – од негови колеги, од Апелација – досега немало пријава во Судскиот совет. Имало можеби претставки, имало анонимни претставки, меѓутоа од колеги, од колеги-судии – не, изјави Камбовски.

Прашан за утрешниот избор на член на Судскиот совет од редот на судиите и „дали еден од кандидатите за ова место, Хасан Сани, имал некаква дисциплинска постапка во Судскиот совет“, Камбовски рече дека не може да каже, оти, вели, годишно имаат околу 600 дои 700 претставки за судии.

-Не можам вака сега повторно да ви кажам, затоа што има многу. Ние годишно имаме околу 600, можеби 700 претставки за судии, така што можно е да имало и за него. Ако имате предвид дека сега имаме околу 400 судии , зависно од годината – значи можно е да имало, изјави Камбовски.

Според Камбовски, досега немало случај да се јави колега на оглас што е дисциплински казнет.

-По мене, немаме таков случај. Обично сите кандидати се со примерно однесување, немаат забелешки од Судскиот совет, посочи Камбовски.

Тој посака на утрешните непосредни избори да победи најдобриот од петте кандидати, откако еден од шесте првично пријавени ја повлекол кандидатурата.

-Се надевам дека сè ќе помине во најдобар ред. Судиите ќе излезат, ќе си го дадат својот глас. Се гласа на територија на цела држава и му посакувам среќа и да победи најдобриот – тој што колегите сметаат дека е најдобар и најсоодветен за да ги претставува.

За случајот Телеком

За наводите на судијката Савовска-Димитровска дека членот на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиеска, сепак требало да се изземе од постапувањето, Камбовски рече дека ја нема слушнато таа изјава од колешката.

– Јас лично ниту прочитав ниту ја слушнав таа изјава од колешката. Инаку, членот на кој се алудира воопшто не учествуваше во донесувањето на одлуката затоа што не смее, тој е подносител и не може истовремено да учествува во одлучувањето – изјави Камбовски.

Судијката Наташа Савовска-Димитровска од Апелацискиот суд Скопје минатата недела излезе на прес-конференција откривајќи дека три жалбени совети при Врховниот суд или 27 судии, од кои девет врховни и 18 апелациски судии, ги усвоиле жалбите и предметот по одлуката на Судскиот совет, со која таа и уште една судијка беа разрешени поради донесувањето пресуда за случајот „Телеком“. Савовска-Димитровска на прес-конференција со нејзиниот адвокат порача оти очекува Судскиот совет при повторното постапување „да се издигне на нивото на задачата, да се изолира од центри на влијанија на моќ и да донесе законита одлука“.

Како што веќе објавивме, првосетепениот суд го одбил тужбеното барање на Фокуснет и утврдил дека нема основа за наплата на штета. Во второстепената постапка по жалба на Фокуснет, Апелациониот суд во Скопје, без одржување на јавна расправа ја преиначува првостепената пресуда непосредно пред судската ферија донел одлука дека Македонски Телеком треба да исплати штета на Фокуснет од речиси 4 милиони евра.

Македонски Телеком согласно законски расположливите средства, упатил барање до Републички судски совет поради сомневањата за незаконско водење на второстепената постапка.

Телеком обвинува дека на незаконски начин Апелациониот суд Скопје ја преиначил одлуката на првостепениот суд и на компанија со блокирани сметки повеќе од 23 години и без вработени ѝ досудил отштета од речиси 4 милиони евра.

Македонски Телеком верува дека надлежните институции ќе постапат согласно законот и дека владеењето на правото ќе биде во целост применето.

Предметот „Телеком“ е за спор стар повеќе од две децении меѓу интернет-провајдерот „Фокуснет“ од Штип и Македонски Телеком. Судскиот совет треба повторно да решава по жалбата на Телеком.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk