ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ се соочува со сериозни финансиски проблеми, застарен и нефункционален возен парк, спорни вработувања и слабости во управувањето со имотот, покажува ревизијата на работењето на претпријатието за 2024 година.
Државниот завод за ревизија дал неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законските прописи.
Ревизијата покажала дека околу 60 проценти од специјалните комунални возила не се во функција. Од вкупно 189 возила, исправни се само 76, додека 80 се неисправни, а 33 се хаварисани.
Просечната старост на возниот парк изнесува 15 години, што, според ревизорите, значително ја намалува способноста на претпријатието за ефикасно извршување на јавната услуга.
Ревизијата покажува дека „Комунална хигиена“ работела со загуба и имала проблеми со ликвидноста. Вкупните обврски се приближиле до 737 милиони денари.
Доцнењето со плаќањата кон добавувачите создавало дополнителни камати, казни и судски трошоци, со што уште повеќе се оптоварувала финансиската состојба на претпријатието.
Државните ревизори побарале да се преземат итни мерки, да се подготви план за обновување на возниот парк и да се воспостави постојан систем за следење на исправноста и трошоците за одржување на возилата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата