logo
logo
logo

“СКОПЈЕ ДА СЕ ЗАТВОРИ ЗА ДОСЕЛУВАЊЕ, нема услови за повеќе жители“

Vecer | 16.01.2023

“СКОПЈЕ ДА СЕ ЗАТВОРИ ЗА ДОСЕЛУВАЊЕ, нема услови за повеќе жители“

Сопствениците на градежни парцели нереално профитираат од стампедото за постојано покачување на цените ан станови во Скопје. Агенциите за недвижнини и градежниците очекуваат стабилизирање на цените на ниво повисоко за 20 отсто во однос на годините пред пандемијата, но притоа треба да се реши и урбанистичкиот хаос што владее во Скопје.

– Очекуваме цените да бидат одраз на пазарот и да се стабилизираат, но на повисоко ниво од она што го имавме пред пандемијата, за околу 20 отсто. Цените на градежните материјали веќе се стабилизирани, но затоа повисоки се трошоците за комуналиите за околу 50 отсто. Тоа влијае на цената на становите. Дополнително, имаме висока побарувачка, а намалена понуда на квалитетни станови. Некои инвеститори, кои немаат ништо со градежништвото, сакаат да профитираат и затиоа се нудат екстремно високи цени – вели Андреа Серафимовски, за Плусинфо изјави претседателот на Здружението за градежништво на Стопанската комора.

Има инвеститори коишто ја користат високата побарувачка на станови и во некои региони, како на пример во општина Центар, нудат станови со екстремна цена од 2.500 евра за квадрат, која реално не соодветствуваа на квалитетот. Ние немаме информација дека таква цена е наплатена за некој станбен објект, но кружат информации за тоа. Забележани се и екстремно високи проценти на отстапување на квадрати на сопственици на земјиштето во однос на периодот пред пандемијата, кога највисокиот процент беше 25 отсто од изградениот објект да му припаѓа на сопственикот на парцелата, а сега надминува 35 отсто. Мислам дека сето ова ќе се надмине во наредниот период и очекувам конечно граѓаните да разберат дека треба да купуваат квалитетен стан – вели Серафимовски.

Архитектот Никола Велковски, кој е и поранешен градски архитект на Скопје, вели дека градежниците веќе немаат оправдување да ја зголемуваат цената како резултат на високите цени на струјата и на градежните материјали.

– Сега главен збор ќе има побарувачката на станови која расте во последните години, како резултат на кризата. Граѓаните сметаат дека вложувањето во недвижнини е добра опција. Скопје и Охрид се избираат како најповолни градови. Секако, на цената на станбениот квадрат влијае и високиот раст на цената на градежните парцели, односно желбата на сопствениците на овие парцели да профитираат од фактот што во Скопје веќе нема атрактивни места за градење – вели Велковски.

Токму односот на сопствениците на парцелите и на градежните компании е причина за неочекувано големиот порастот на цената на становите во Скопје, каде во центар становите од 1.200 достигнаа цени до 1.800-2.000 евра за квадрат.

– Порано, за изградени 1.000 квадратни метри станбена површина, на сопственикот на градежната парцела му се отстапуваа 250 квадратни мети. Сега, во Скопје, на сопственикот му се отстапуваат дури и 40 отсто од изграденото. Тоа директно влијае на цената на квадратот што ќе ја платат граѓаните кои ги купуваат останатите станови. Ова ќе потрае и во наредниот период, бидејќи во Скопје веќе нема атрактивни градежни локации – вели Велковски.

Според него, урбанистичкиот хаос и профитерство во градењето, посебно во Скопје, може да се спречи. Со урбанизмот во Градот не смеат да управуваат сопствениците на градежни парцели. Таа улога да ја преземат урбанистичките власти, преку воведување на критериумот јавен интерес и квалитет на урбано живеење на прво место.

– Aко тоа не се случи, урбаниот хаос ќе го задуши градот. Време е да запре практиката на секоја катастарска градежна парцела да се гради објект, Време е да почне да се планира изградба на еден објект на повеќе парцели, со што би се пропишале и исполниле сите критериуми за урбано живеење, што подразбира освен и паркинг простор, зеленило, објекти за одмор и рекреација, градинки, училишта … Тоа може да се направи со отворање на Генералниот урбанистички план за Скопје и секако со почитување на мислењето на стручната јавност, кое досега го немаше – вели Велковски.

Според него, урбанистичките власти треба да размислуваат да го затворат Скопје за доселување, што подразбира воведување критериуми кој ќе може да се досели во градот.

– Скопје веќе нема инфраструктура да го издржи ова зголемувањето на жители. Нема јавен превоз, нема доволно објекти за сместување и образование на децата, за спорт и рекреација, а за зеленило и да не зборуваме. Да бидам појасен, оваа состојба на отворени градови ја имаа скоро сите градови, но потребата да се направи град хуман за живеење е да се почитува јавниот пред приватниот интерес и Скопје да стане затворен град, како што тоа веќе го направија повеќе градови кои се соочија со ваква состојба многу пред нас – вели тој.

4 од 10 станови во Центар се празни!

Според податоците на Народната банка, лани цената на становите пораснала за 18 отсто. Раст на цените имало во сите четири квартали од годината. Во првото тримесечје цената пораснала за 12,4 отсто, во второто за 16,5 отсто, во третото за 21,2 отсто, а во последното тримесечје за 20,6 отсто.

Податоците од пописот покажуваат дека една третина или 307.187 станови се празни, што говори дека се купени од луѓе кои своите пари одлучиле да ги вложуваат во недвижнини. Од скопските општини најмногу празни станови има Центар – 10.865 или над 40 отсто, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5 отсто од вкупно 17.771 стан.

Според податоците на агенциите за недвижности, цените на становите се движат од 1.800 до 2.200 евра за квадратен метар во центарот и околу центарот на Скопје. Под 1.100 евра веќе и да нема станови на продажба.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk