logo
logo
logo

23. октомври 1893

ВМРО, првиот чекор до македонска држава, денешниот бранител на државноста

Vecer | 23.10.2022

ВМРО, првиот чекор до македонска држава, денешниот бранител на државноста

Македонска револуционерна организација (МРО) — револуционерно-националноослободителна организација на македонскиот народ (Солун, 23. октомври 1893) била основана од шестмина револуционери интелектуалци: Дамјан Груев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров, со цел по пат на вооружена борба да се извојува политичка автономија на Македонија и Одринско.

На основачкиот состанок усвоиле програма за дејствување. Бил усвоен Устав на Организацијата (во почетокот на 1894) и се конституирал Централниот комитет (претседател д-р Христо Татарчев, секретар Дамјан Груев). Била изградена мрежа на Организацијата во поголемите центри во Македонија (до средината на 1894). Особено силен подем бележела по стапувањето во членство и во раководењето на Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Јане Сандански и други македонски револуционери.

Во летото 1894 г. во било одржано Ресенското советување на членовите на ЦК и на делегатите на месните комитети посветено на организациони и на тековни прашања за револуционерно дејствување.

Биле формирани три револуционерни окрузи: Солунски, Битолски и Скопски. Организацијата изградила (до есента на 1895) разгранета мрежа во сите делови во Македонија и прогласила сувереност на организационата територија, спречување на дејствувањето на други организирани групи со исти цели во Македонија. Македонските комитети формирани во странство можеле да дејствуваат исклучиво во рамките на МРО.

По формирањето на Македонскиот комитет во Софија (подоцна преименуван во Врховен македонски комитет, 1895), ЦК на МРО веднаш побарал тој комитет да ја сообрази својата активност со потребите на МРО и да работи како помошен комитет.

Софискиот комитет продолжил да дејствува како паралелна организација во македонското револуционерно движење. Во почетокот на 1896 г. Гоце Делчев пристигнал во Софија во својство на официјален претставник на МРО да работи за спречување на мешањето на бугарските државни фактори во македонското ослободително дело.

Претседателот на Софискиот комитет генералот Данаил Николаев бил предупреден дека МРО нема да ги толерира активностите и акциите преземени во Македонија. Во така неповолно опкружување за поефикасно водење на ослободителната борба, а со оглед на тоа дека и бугарското население во Одринско се наоѓало во иста положба и влегувало во границите на Егзархијата, МРО се определила да го организира и тоа население за извојување автономија на Македонија и на таа област.

На 5/12 јануари 1896 година се одржал Солунскиот конгрес со учество на првите луѓе на Организацијата: Гоце Делчев, Дамјан Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов и др.

На конгресот, била усвоена нова политичка стратегија и тактика во дејствувањето. Конгресот усвоил нова управна поделба и територијална организација и промена на организациското името во Тајна македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Месните комитети биле ополномоштени да вршат просветување на жените и создавање масовно народно движење. Усвоените промени биле вградени во актите и Уставот и внатрешниот правилник.

По Конгресот започнало забрзано создавање вооружени чети, ударната оружена сила на Организацијата за одбрана на територијалниот интегритет од туѓи вооружени чети и групи во Македонија.

Бил донесен и посебен Правилник (1900) за четите со кој било регулирано формирањето, раководењето, употребата, како и борбената обука. Нивните припадници — комитите — носеле униформирана народна комитска облека и обележје за припадност. Вооружените сили ги раководел Гоце Делчев, кој го основал и изградувал Четничкиот институт, со надлежност на врховен инспектор.

Зад автономниот принципстоела поголема цел, а тоа е создавање на слободна и независна македонска држава. Тоа го потврдуваат и сведоштвата на првите луѓе на организацијата. Христо Татарчев истакнува дека:

Hе се раководеле од друга тенденција, освен од идејата за слободата и благото на целиот македонски народ.

Дамјан Груев од друга страна, во писмото до Никола Дејков од 7.02.1894 година го објаснува сепаратизмот на МРО и вели дека: Сепаратистичкото движење не треба да се смета за утопија... Тоа е плод на настојувањета на Бугарија да се добере до нас. Тоа го наоѓа својот израз во заземањето на едно друго поведение од страна на Македонците спрема соседите, а првенствено кон Бугарија.

Во 1905 година Дамјан Груев во Софија имал средба со Лермонтов. Притоа Д. Груев истакнал дека организацијата дејствува самостојно издигајќија девизта Македонија на Македонците, и дека организацијата не сака за ништо судбината на Македонија да ја потчини на интересите на бугарското кнежеството. Главна цел на организацијата е автономија на Македонија - а не нејзино присоединување кон Бугарија.

На 17.10.1895 година, Гоце Делчев испратил писмо до Ефрем Каранов во кое пишува за слободна државичка Македонија. Во весникот Право во 1902 година јасно се кажуваат целите на организацијата:

“Внатрешната револуционерна организација ќе му даде на секој да реазбере дека работи за единството и независноста на Македонија, како слободна држава на Балканскиот полуостров. Таа организација, давала и во иднина ќе дава докази дека не е агент на никоја од балканските држави, туку агент само на македонската слобода и независност. Со таквите докази таа постепено ќе ги остранува племенските разлики во Македонија и ќе го организира идниот, ако и разнобоен, но способен да се самоуправува мирно и тивко, македонски народ“.

Во 1905 година во Револуционерниот лист се вели: Автономна Македонија од Организацијата се разбира како самостојна држава.

Организацијата имала тајна пошта и тајна полиција, создала функционални месни органи и тела. На целата територија на Македонија (до почетокот на 1903) Организацијата имала воспоставено ефективна власт на тајна држава во државата или подземна република.

На Солунскиот конгрес од 1903 година било донесеното решение за кревање востание, во отсуство на Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Сандански и други водечки личности на Организацијата. Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ ја потврдил одлуката за кревање востание.

Востанието раководено од Главниот востанички штаб почнало на Илинден 1903 и прераснало во македонска сенародна борба за ослободување и за создавање самостојна македонска држава, највисокиот дострел во дејствувањето на Македонската револуционерна организација.

По Илинденското востание силно се манифестирале внатрешните поделби.

На Општиот рилски конрес (во почетокот на 1905) само привремено било воспоставено единството на Организацијата. На Конгресот бил отфлен квалификативот тајна од името и Организацијата продолжила да дејствува под името: Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО).

Внатрешните поделби и групирања во спротивставени струи: конзервативна и реформската струја се заостриле до степен на меѓусебни оружени пресметки. Така дошло до дефинитивен Расцеп на Македонската револуционерна организација во 1908 година на едно крило кое продолжува со борбата за самостојна македонска држава, и друго под контрола на властите во Бугарија кога Софија ја користи состојбата и се обидува да воспостави своја контрола врз Организацијата.

По Младотурската револуција и по воспоставувањето на парламентарното уредување Организацијата престанала да постои. Двете струи формирале политички партии: Сандански со Димитар Влахов Народна федеративна партија, а дел од дејците на конзервативната струја под влијание и за интерес на бугарските власти ги формирале Бугарски конституциони клубови.

Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) во периодот меѓу 1919–1934 година, по завршувањето на Првата светска војна, започнало политичко групирање и организирање на македонската емиграција во Бугарија. Отука, кон крајот на 1919 година била формирана ВМРО, со Централен комитет: Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. Главна цел на оваа организација била автономијата или независна Македонија, односно создавање на самостојна македонска држава.

По потпишувањето на Нишката спогодба помеѓу Кралството СХС и Бугарија во март 1923 година, ВМРО зела активно учество во рушењето на бугарската влада на Александар Стамболиски. Во втората половина на 1923 година биле воспоставени врски и водени разговори со претставници на Советскиот Сојуз, заинтересиран за создавање единствено македонско револуционерно ослободително движење. Притоа Тодор Александров подготвил и потпишал Проект за разбирање помеѓу ВМРО и Советската влада.

Преговорите водени во Виена завршиле со потпишување Декларација на ЦК на ВМРО и на Мајскиот манифест од страна на Александров, Протогеров и Чаулев.

Тодор Александров бил убиен на 31 август 1924 година од припадници на ВМРО, војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. Раководството на ВМРО го презеле Александар Протогеров и Иван Михајлов. За убиството на Александров биле обвинети конкурентните организации од македонската емиграција во Бугарија.

Новото раководство предводено од Ванчо Михаклов продолжило со ликвидација на промакедонски лидери во Организацијата како Димо Хаџи Димов, Арсени Јовков, Тодор Чопов и др. По наредба на Михајлов бил убиен и Александар Протогеров (7. јуни 1928 год), а ВМРО се поделила на Михајловисти и Протогеровисти и дошло до нивно меѓусебно физичко пресметувње. На VII конгрес на ВМРО (21. јуни 1928 г.) Михајлов официјално го презел раководењето.

Во програмската определба на ВМРО на Михајлов поимот автономна бил заменет со поимот независна Македонија во која живеат Бугари. Негова стратегиска цел била создавање на Македонија како втора бугарска држава.

Во април 1929 г. Македонскиот национален комитет контролиран од Михајлов и хрватските претставници потпишале Декларација за соработка и создавање Независна Држава Хрватска и Независна Македонија, како втора бугарска држава.

По воениот удар од 19 мај 1934 година новата влада на чело со Кимон Георгиев го распуштила Собранието и забрануила политичките партии, вклучувајќи го и ВМРО. Потоа, под водство на Михајлов, таа продолжила да дејствува во странство.

На 9. X 1934 година, со заедничка акција на хрватските и групата под раководтсво на Ванчо Михјлов, бил извршен атентат врз кралот на Југославија, Александар I Караѓорѓевиќ. Се поврзала со нацистичките и профашистичките сили на Германија, Италија, Унгарија и Хрватска, со кои соработувала до крајот на Втората светска војна.

На 17 јуни 1990 година основана е политичката партија ВМРО ДПМНЕ, како политички и историски наследник и сукцесор на изворната ВМРО, предводена од Гоце Делчев, Дамјан Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Тодор Александров... која се борела за незвисна македонска држава.

ВМРО ДПМНЕ, на првите повеќепартиски избори во независна Македонија на 11 ноември 1990 година победила освојувајќи 38 пратеници во првиот македонски Парламент.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk