Српскиот претседател Александар Вучиќ во телефонски разговор со македонската колешка Гордана Силјановска-Давкова освен сочувство по повод трагедијата во која загина 51 лице ја искажал и подготвеноста на Србија да помогне и да ги стави на располагање сите свои капацитети.
- Изразив искрено сочувство на претседателката по повод страшната трагедија во Северна Македонија, која длабоко ги погоди не само луѓето во таа земја, туку и сите нас во Србија кои сочувствуваме со семејствата на жртвите и со целиот народ на оваа братска земја.
Понудив во име на Србија, а претседателката на Северна Македонија прифати да испрати хеликоптери и други медицински транспортни возила, медицински тимови како помош, како и да прими голем број од повредените во трагедијата во Кочани во болниците во Србија. Ја информирав претседателката дека Србија ќе го прогласи 18 март за Ден на жалост поради трагедијата и изразив уверување дека народот на Северна Македонија, со силата и солидарноста што секогаш ја покажувал, ќе успее да ја надмине оваа голема трагедија и да најде пат кон закрепнување, порача Вучиќ.
Грција е подготвена да помогне во ова тешко време
Сочувство за загубените животи и подготвеноста на Грција да помогне по трагедијата во Кочани, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку платформата Икс, јави дописничката на МИА од Атина.
Искрено сочувство до народот на Македонија за загубените животи во трагичниот пожар во Кочани. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време, напиша Мицотакис.
Претходно, подготвеноста на Грција да обезбеди секаква неопходна помош, вклучително и спасувачки тимови и медицинска помош, изрази министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во телефонскиот разговор со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.
Трагедијата во Кочани претпладнево е главна вест во медиумите во Грција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата