logo
logo
logo

Се изигра оро, а АВТОПАТОТ - ГО НЕМА. Следниот е најавен БЕЗ ТЕНДЕР

Vecer | 09.01.2022

Се изигра оро, а АВТОПАТОТ - ГО НЕМА. Следниот е најавен БЕЗ ТЕНДЕР

Актуелната владејачка гарнитура, пред доаѓањето на власт ветуваше илјада километри автопат низ Македонија, а за пет години владеење успеа во април 2018-та да одигра само еден чочек, по некое оро и тоа за делница од автопатот што беше готова пред да дојдат на власт. Станува збор за делницата од автопатот Демир Капија – Гевгелија и „историскиот чочек“ кај тунелот.

Автопатот Кичево-Охрид е четири ипол години под оваа власт, и ни на повидок не е готов, а сега се најавува дека ќе се гради до крајот на 2023, најавени три нови автопатски делници. Слично слушавме и за клиничкиата болница во Штип која, според валста, требаше да биде готова до крајот на 2019-та, што не се случи, а лани фирмата што требаше да гради објави сетчај.

И за годинава се најавува интензивирање на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, проект на две влади, а за кој рокот за завршување повторно се пролонгира, овој пат за нови две години.

Изградбата на автопатот, во должина од 57 километри, стартуваше во 2014 година во мандатот на претходната Влада. Требаше да биде готов до 2018 година, но по промената на власта, според образложението на надлежните институции, поради пропусти во проектирањето, со анекс на Договорот рокот беше продолжен 30 јуни 2021.

Од ресорот транспорт очекуваат дека со усвојувањето на законските измени за анексот за продолжување на изградбата, градежните работи ќе се засилат со потребната динамика. Веќе се одобрени 63 од вкупно 70 нови проекти за автопатот и се отстрануваат институционалните пречки. Реализирани се 62 проценти од работите, а седумгодишниот проект чини 598 милиони евра.

Таа цена, на оваа власт, за автопатот Кичево-Скопје е околу 200 милиони евра поголема од цената која ја проектираше владата на ВМРО ДПМНЕ.

Не е готова ни кусата делница од само два километри на автопатот Скопје-Блаце која лани пред избори беше аргумент на валста дека во Македонија се градат автопати, па макар и од само 5 километри.

Се очекува до средината на годинава да биде пуштена за сообраќај првата фаза од ГП „Блаце“ до село Блаце, во должина од два километри, како и да биде распишана постапката за избор на изведувач за втората фаза од село Блаце до аеродромот Стенковец.

На првата делница се завршени 48 проценти од градежни работи, а во тек се активности за асфалтирање, ископи, канали и бетонирање на други објекти. Инвестицијата за првата делница изнесува 14,2 милиони евра. За втората, од село Блаце до клучката Стенковец, која е во должина од 10,5 километри, се најавува тендерска постапка за вториот квартал годинава.

Се очекува во првиот квартал годинава да биде готов основниот проект и да бидат завршени и инфраструктурните проекти за да може да започне постапката за избор на изведувач. Проектот од само 14,6 километри автопат вкупно чини 120 милиони евра, обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ).

За наредниот период се очекуваат и конкретни чекори за реализација на најавата од Владата за изградба на три нови автопати со целосно променети постапки за избор на изведувач, односно без тендер, според меморандум потпишан со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“

Со законското решение се уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридорот 8 и Коридор 10 , како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата. Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар, бидејќи не се предвидува тендерска постапка.

Откако Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот, минатиот месец Владата го формираше и тимот за преговори со американско-турскиот конзорциум за изградба на автопатите. Во преговарачкиот тим тогаш се најдоа се вицепремиерите Артан Груби, Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи, министрите Фатмир Бесими, Крешник Бектеши, Благој Бочварски, Насер Нуредини и Јагода Шахпаска, како и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Владата најави дека ќе испрати барање до Собранието за номинирање и на член од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На крајот на декември беше објавен тендерот за избор на надзор и правен трансакциски консултант што ќе ги води преговорите заедно со формираниот Комитет. Со тоа е овозможен почеток на подготвителните работи за конкретна реализација на активностите. Почетокот на градежните работи се очекува кон крајот на првата половина од годинава.

Ова се 15-те НАЈЧИТАНИ ПОРТАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА! Тие се јавното мислење

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk