На целиот државен врв преку видео порака синоќа му се извини Рафет Мемишовски, еден од Ромите кои протестираа во Битолско поради одземените возила на граѓани кои возеле без возачка дозвола. Тој на протест се закани со тепачки и убиства поради одземањето на возилата на тие што ќе возат без возачка дозвола.
Видеото со извинувањето е снимено во домашна атмосфера, а го објави Рома пресс на Фејсбук.
Мемишовски вели дека направил грешка и дека тоа нема да се повтори.
– Се извинувам пред цела влада и цело министерство, премиерот, претседателот што направив грешка и што се заканив. Ова нема да се повтори уште еднаш. Бев изнервиран зашто на братучед ми му ја зедоа колата, под стрес бевме сите, правевме штрајкови. Се извинуваме. Ова нема да се случи уште еднаш и нема да се повтори. Нема да се закануваме повеќе – вели Мемишовски во видеопораката.
Ромите од Битола, Штип и од Прилеп неделава во повеќе наврати протестираа со блокади на кои палеа гуми и дрва. Тие бараа да се укинат законските измени со кои ако возач се затекне без возачка дозвола ќе му се одзема возилото.
Премиерот Христијан Мицкоски по протестите изјави дека му дал носоки на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски полицијата жестоко да одговори кон секој што го прекршил законот, се заканувал, јавно упатил закани, го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните жестоко да се одговори.
– Ќе биде одговорено жестоко за да не се повтори тоа дивеење од вчера што се случи – рече Мицкоски.
По изјавата на Мицкоски прекинаа протестите на Ромите низ земјата, а вчера следуваше извинување и од Мемишовски.
Неофицијално, полицијата вчера против Рафет и Феим Мемишовски поднела кривична пријава за загрозување на сигурноста поради заканите против телото и животот на полицајците.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата