Денеска во Скопје беа претставени 49 нови возила за комунална хигиена, обезбедени преку проект со поддршка од Светската банка. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, рече дека новата механизација ќе овозможи побрзо и поефикасно собирање на сметот, а најави и над 3.300 нови контејнери.
Четириесет и девет нови комунални возила ќе бидат вклучени во одржувањето на хигиената во град Скопје и општините Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес. Со 4,2 милиони евра преку Светска банка набавени се 19 мултифункционални камиони од различен тип, девет цистерни и 21 мултифункционални возила за чистење на улиците.
„Ова е значителна помош за општините, што се случува сденес и што имаме можност да го видиме како дел од презентацијата. Нова можност за општините, нов начин на собирање на отпадот и третман на истиот – едно од најгорливите прашања, не само во Скопје туку и во цела Македонија“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Прашан дали е задоволен од комуналната хигиена во Град Скопје, Ѓорѓиевски изјави дека генерално е нормализирана состојбата со отпадот, за разлика од пред една година кога ја презеле работата на Комунална хигиена и затекнале само 17 возила исправни, кои можат да го собираат сметот по општините.

Сега имаме околу 50 возила кои што се функционални, но јас секогаш тоа го велам – долги години наназад не се обезбедени нови возила и на дневна основа се случува по три, пет, седум, некогаш и по 10 возила ни паѓаат од работа – поради дефекти. Ова е значителна помош. Сите овие 27 возила – дел се цистерни за перење, дел се метларки кои што подобро ќе ги сервисираат тротоарите, плоштадите и сè останато, местата каде што народот наш се движи овде во Скопје, но најголем дел се возила кои што ќе собираат комунален отпад по руралните средини. Таму најмногу ни недостигаа, но и по булеварите и главните улици во општините каде што имавме проблем – вели Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека друг проблем биле претоварните станици и губењето време, како и трошењето ресурси.
Во моментов немаме функционални претоварни станици за да го бајпасираме делот Карпош, Ѓорче Петров и дел од Центар. Сега обезбедивме сами како Град Скопје, како Комунална хигиена, две претоварни станици-едната ќе биде токму таму стационирана и многу побрзо ќе се движат процесите во однос на собирањето на отпадот, а другата ќе биде стационирана во Гази Баба, која што ќе го покрива тој регион таму-вели Ѓорѓиевски.

Заменик-премиерот Александар Николоски истакна дека вкупно се купени 19 мултифункционални камиони од различни видови, 9 специјализирани камиони, цистерни и 21 мултифункционално возило, кои се очекува да помогнат во чистењето на улиците.
„Во овој проект ќе има возила за Градот Скопје, за Општината Куманово, Општинaта Прилеп, Општината Струмица, Општината Штип, Општината Охрид, Општината Тетово, Општината Неготино, Општината Кичево, Општината Дебар, Општината Велес, а се надевам дека веќе во следните проекти, којшто ги работиме, ќе има и за останатите општини.“, порача Александар Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски, најави дека следниот чекор ќе биде снабдувањето на општините со електрични автобуси за еколошки јавен превоз.
„Тука не застануваме, продолжуваме и понатаму. Следен чекор е испораката на автобусите, коишто би требало многу скоро да почнат да се испорачуваат на општините за организирање на еколошки јавен градски превоз, тука мислам на електричните автобуси.“, вели Христијан Мицкоски.
Според надлежните, инвестициите имаат за цел подобрување на јавната хигиена и условите за граѓаните во општините корисници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата