logo
logo
logo

СКАНДАЛ ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО: Николоски - Прегледавме 2810, ОДЗЕМЕНИ 427 ЛИЦЕНЦИ

Vecer | 22.03.2025

СКАНДАЛ ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО: Николоски - Прегледавме 2810, ОДЗЕМЕНИ 427 ЛИЦЕНЦИ

Министерството за транспорт и врски досега одзеде 427 лиценци на градежни компании кои не ги исполнуваат потребните услови, иако во моментот на издавање ги задоволувале критериумите. Ова денеска го изјави министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николоски, по извршените контроли во градежниот сектор.

Како клучни причини за одземањето на лиценците, Николоски ги наведе недостатокот на стручен кадар, како и одредени типови на градежни машини.

– Забележавме дека исто лице фигурира на пет-шест различни фирми или пак се прави договор само за да се добие лиценцата, а веднаш потоа тој вработен се одјавува. Ова е класично изигрување на системот. Македонија е мала држава, а Министерството има издадено околу 3.000 лиценци, што е повеќе од реалниот капацитет – изјави Николоски, додавајќи дека очекува бројот на лиценцирани фирми да се намали на околу 2.500 по следната контрола.

Министерот рече дека во наредниот период ќе се испитуваат и проектите во кои учествувале овие фирми, а компаниите што ја изгубиле лиценцата, најмалку една година нема да можат да аплицираат за нова.

Паралелно со градежните контроли, Николоски се осврна и на ситуацијата со дискотеките кои работеле без соодветни дозволи или со лажни документи.

– Државниот пазарен инспекторат работи со асистенција на МВР, а за прекршителите се известува и Обвинителството. Нема да останеме само на констатирање на неправилности, ќе следат и кривични пријави – порача министерот.

Тој додаде дека во иднина ќе мора да се зголеми бројот на инспектори, бидејќи во моментов има само 40 на ниво на целата држава.

Во однос на истрагата за трагедијата во Кочани, Николоски оцени дека Обвинителството и полицијата професионално ја водат постапката, потенцирајќи дека 34 лица веќе се во притвор.

– Ова јасно покажува дека ќе има одговорност, за разлика од претходни случаи каде што немаше приведени. Честитки до полицијата и правосудните органи за ажурноста – изјави тој.

Воедно, министерот упати критика кон, како што рече, „помали политички актери“ кои се обидуваат да ја злоупотребат несреќата во Кочани за дневнополитички цели.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија потенцираше дека се неопходни значајни законски измени со цел да се осигура почитување на законот и да се спречат потенцијалните несакани последици.

Николоски истакна дека основната цел не е да санкционираат субјекти, туку да се воспостави стабилен и функционален правен систем. Тој додаде дека оваа ситуација треба да биде поука за иднината и дека Владата е посветена на преземање на решителни чекори за подобрување на состојбите, притоа нагласувајќи дека неопходно е брзо донесување на промени.

Министерот Николоски објасни дека според Законот за угостителска дејност, проверката на потребните документи за објектите, како што е кабаре, е оставена на совеста на подносителите и службениците во Министерството за економија. Тој додаде дека како резултат на тоа, се случил недостаток на соодветна контрола, што довело до сегашните проблеми.

,,Тоа е така во Законот за угостителска дејност, каде што практично е оставено на совеста на оној кој што поднесува и оставено е на службениците во рамки на службениците во Министерството за економија, да ги проверуваат тие потребни документи кои што треба да ги има еден објект, во случајов да се нарекува кабаре, и на крај имавме резултат како што имавме“, истакна Николоски.

Тој потенцираше дека покрај засилената проверка на лиценците и овластувањата, потребни се законски измени кои ќе ја преобликуваат целокупната регулатива и ќе воведат нови, појасни и поригорозни правила на игра. Николоски додаде дека овие измени ќе бидат насочени кон зајакнување на контролните механизми и ќе ја направат контролата поефикасна, со цел да се обезбеди целосно почитување на законите и спречување на несаканите последици во иднина.

,,Покрај проверка на лиценците на овластувањата, секако дека се потребни законски измени кои што на поинаков начин ќе ја моделираат целата материја, ќе воведат поинакви правила на игра и ќе ги зајакнат механизмите на контрола, и ќе бидат порестриктивни. Можеби дел од бизнисот ќе реагира, но не е намерата било кој да се казни, туку намерата е да се натераат сите да работат во рамки на законот и да го почитуваат законот, како би се избегнувале несакани последици во иднина“, изјави министерот Николоски.

Тој посочи дека оваа ситуација треба да послужи како голема поука за да се избегнат слични проблеми во иднина. Тој изрази уверување дека Владата вложува максимални напори за да ги коригира состојбите и да ги подобри механизмите на контрола. Како што нагласи тој, ова е наследена ситуација од последните 30 години, која не може да се реши преку ноќ, но постои силна мотивација кај сите инволвирани да се направат потребните промени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk