Имајќи ја во предвид чувствителноста на прашањата поврзани со безбедноста, миграцијата и јавната стабилност, како и појавата на лажните информации, манипулации и дезинформации кои опозицијата ги изнесува во медиумскиот простор, ја свикавме оваа прес-конференција за да ја претставиме „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, рече на денешната прес-конференција пратеникот Никола Мицевски.
-Во изминатите денови, јавноста беше сведок на организирана и координирана кампања од страна на опозицијата, којашто влеваше несигурност и паника помеѓу граѓаните.
Овие лажни сценарија ги нема во владините политики, напротив, ВМРО-ДПМНЕ активно се борела против мигрантите и мигрантските кампови, кои претходната влада на СДС и Заев сакаше да ги направи. ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната влада на Зоран Заев, со којашто беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси.
Дозволете накратко, да ја претставиме Резолуцијата.
Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи.
Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување, истакна Мицевски.
Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат, додаде Мицевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата