logo
logo
logo

СО 11 ГЛАСА „ЗА“ Даниела Димовска е избрана за претседателка на Кривичниот суд во Скопје

Vecer | 08.07.2026

СО 11 ГЛАСА „ЗА“ Даниела Димовска е избрана за претседателка на Кривичниот суд во Скопје

Со 11 гласа „за“, Судскиот совет ја избра Даниела Димовска за нова претседателка на Основниот кривичен суд – Скопје. Таа доби и четири гласа „за“ при гласањето според Бадентеровото начело.

Одлуката ја соопшти претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

„Констатирам дека Советот донесе одлука со која Даниела Димовска се избира за претседател на Основен кривичен суд – Скопје“, рече Камбовски.

Во текот на седницата, повеќе членови на Судскиот совет ја образложија поддршката за Димовска, посочувајќи дека нејзината програма за работа нуди визија за развој и подобро управување со судот.

„Имајќи го предвид извештајот на претседателот на Комисијата, гласав за Даниела Димовска. Во врска со програмата и акциониот план, се определив за судијата Даниела бидејќи има иновативност за управување во Кривичниот суд, наспроти другиот кандидат кој е солиден судија“, рече членот на Судскиот совет, Исамедин Лимани.

Членката на Советот, Антоанета Димовска, оцени дека двата кандидати се квалитетни, но дека програмата на Даниела Димовска оставила посилен впечаток.

„Ивица е солиден судија, работел сериозни предмети. Но присуствував на интервјуто на двата кандидати, а имаше и разлика во пристапот на гледањето на двата кандидати како треба да се менаџира судот. Димовска имаше визија како треба да се менаџира, што треба да прави како иден претседател. Програмата на Димовска е развојна, визионерска и реална согласно буџетот, како и оптимистичка дека може да обезбеди средства“, рече Димовска.

Поддршка за изборот даде и членот на Судскиот совет, Ивица Николовски, кој нагласи дека е разочарувачки што за функцијата се пријавиле само двајца кандидати, иако условите ги исполнувале многу повеќе судии.

„Двајцата кандидати имаа високи оценки, ги познавам двајцата. Навистина ми е жал што од 50 судии во овој суд, поголемиот дел ги исполнуваат законските критериуми да бидат апликанти, а за жал само двајца се јавија, иако знаеме сите дека за ова место може да аплицираат и судии од други судови. Овој суд е огледало на перцепцијата на граѓаните за работата на судовите. Димовска сменила неколку претседатели и можела да осети и добро и лошо менаџирање. Со искуството верувам дека ќе ги подобри работите. Пресудно за да направам разлика помеѓу двајцата кандидати е што кај Даниела осетив предизвик да се менаџира со овој суд и да се биде прв меѓу еднаквите. И со овие скромни ресурси верувам дека ќе носи рационални решенија за да го искористи капацитетот за поефикасна и побрза правда“, рече Николовски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk