Крај на неказнивоста, законот важи за сите, а институциите постапуваат – за разлика од времето на СДСM и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со неселективна борба против криминалот и корупцијата, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ доследно се залага за владеење на правото и целосна борба против криминалот и корупцијата, без разлика на политичката припадност. СДСМ не може да сфати кога МВР ќе уапси актуелен директор, затоа што на бандата на Заев и Филипче несфатливо им е законот да важи неселективно и да се применува подеднакво за сите“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Секој којшто го прекршил законот мора да одговара, се додава во соопштението.
„Во врска со апсењето на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, ја поздравуваме акцијата на МВР. Ова е порака за сите дека Уставот и законите мора да се почитуваат. Очекуваме надлежните институции целосно да го расчистат случајот, а секој за кој ќе се утврди одговорност да одговара согласно законите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ја повикува јавноста да не подлегнува на непроверени и сензационалистички информации кои имаат цел да нанесат штета на угледот на поединци и институции.
„Во време на владеењето на СДСМ и ДУИ јавноста беше сведок на бројни скандали и случаи со криминал и корупција што придонесе за пад на довербата во институциите и во правниот систем. ВМРО-ДПМНЕ ја враќа довербата во институциите. СДСМ и ДУИ поради недостиг од транспарентност и отчетност придонесе во продлабочување на перцепцијата на неказнивост и зголемувањето на криминалот и корупцијата во секоја пора во општеството. Времото на криминалот и криминалците заврши, а институциите се транспарентни и отчетни“, се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ, се додава, останува посветена на поддршка на земјоделците преку конкретни мерки и политики кои ќе обезбедат развој и стабилност на секторот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата