Министерот за здравство и дел од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари синоќа во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека политичката кариера на лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе заврши со локалните избори.
„Али Ахмети и ДУИ ги губеле изборите уште од 2011 ако се земат предвид гласовите на опозиционите албански партии заедно низ сите циклуси, но тие никогаш не биле заедно, како што ние настапивме сега. „Мајсторијата“ на Али Ахмети била што секогаш успевал да ги распарчи или да ги оневозможи да се соединат како ние на изминатите избори. Јас сум убеден дека на наредните локални избори коалицијата ВЛЕН ќе извојува убедлива победа и тоа „за среќа“ или „за жал“ ќе биде крајот на политичката кариера на Али Ахмети“, вели Таравари.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред граѓаните во Куманово порача дека ако ги изгуби изборите, ќе се повлече од политиката и ќе си оди дома.
„Слушнав, бараат кај нотар да сум потпишал, дека доколку со еден глас ги загубам изборите, нема да бидам дел од власта. Четврт век велам, ако ги изгубам изборите, ќе се повлечам од политиката и ќе си одам дома“, вели Ахмети.
Тој упати и порака до Вреди за тоа колку побрзо ја напуштат Владата, толку подобро ќе биде за нив, за нивните семејства.
„Тие се црна страница за Албанците“, вели Ахмети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата