Во Владата на Република С. Македонија, се одржа свечена седница по повод 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Со седницата раководеше Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, кој во своето обраќање ја истакна историската и политичката важност на овој договор за стабилноста, еднаквоста и европската иднина на земјата.
Говорејќи за значењето на јубилејот, тој истакна дека 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор е момент за потсетување на минатото, но и за размислување за одговорноста на институциите кон иднината на земјата.
Според министерот Сали, Охридскиот рамковен договор беше инструментот што го стави крај на конфликтот од 2001 година и воспостави нов пристап во организацијата и функционирањето на државата, засновајќи ја стабилноста врз партнерството меѓу заедниците, граѓанската еднаквост и правичната застапеност.
„Демократијата не се мери само преку слободни избори, туку и преку способноста на институциите да гарантираат инклузивност, правична застапеност, дијалог и доверба меѓу граѓаните“, истакна министерот Сали.
Нагласи дека Охридскиот рамковен договор не треба да се гледа само како историски документ, туку како жив механизам на уставниот поредок и како политичка насока за институциите на земјата. Во таа насока, тој ја спомена и иницијативата на Владата за Законот за правична и соодветна застапеност, предложен за усвојување во Собранието.
Истакна дека искуството од изминатите 25 години покажало дека стабилноста се гради преку дијалог, комуникација, компромис и почитување на договорите.
„Дијалогот не треба да се гледа како компромис со принципите. Дијалогот е најдемократскиот начин за заштита на принципите“, истакна Сали, нагласувајќи ја важноста од продолжување на соработката и партнерството меѓу заедниците.
Во своето обраќање, тој посочи дека зачувувањето на меѓуетничкото партнерство е стратешки интерес на Република С. Македонија. Според министерот Сали, една мултиетничка држава може да биде успешна само кога секоја заедница се чувствува како рамноправен дел од институциите и како заеднички одговорна за иднината на земјата.
Во овој контекст, тој го поврза духот на Охридскиот рамковен договор и со процесот на европска интеграција, нагласувајќи дека европскиот принцип „Обединети во различностите“ се совпаѓа со филозофијата на договорот, кој мирот го изгради врз прифаќањето и почитувањето на различностите.
На крајот, Сали истакна дека задачата на денешната генерација не е само да го зачува Охридскиот рамковен договор како историско достигнување, туку и да го надградува преку поефикасни институции, зајакнување на довербата меѓу заедниците и изградба на држава со високи европски стандарди.
„Нека биде овој јубилеј не само потсетување на она што го постигнавме, туку и заложба за она што треба да го изградиме“, заклучи министерот Сали.

„Дефинитивно она што можеме да го кажеме е дека Македонија беше зафатена од една од најтешките кризи во поновата историја. Конфликтот чукаше на врата. Постоеше неизвесност, поделби, страв и државата беше на ивица да стане држава на поделби, на раздор, на силен национализам. Пред 25 години државата можеше да тргне по тој пат, но избра да тргне по сосема друг пат — пат на соработка, на дијалог, на меѓусебно почитување и меѓусебно разбирање. Се избра патот на договорот, патот на компромисот и на политичката зрелост. Тука е несомнена улогата и на меѓународната заедница, нашите партнери од Европската Унија и од НАТО, таму каде што државата природно припаѓа — не само заради својата политичка определба, туку и заради јасната определба на сите кои што живеат во Македонија, која што е јасно прозападна и проатлантска.
„Мораме да бидеме отворени — јас секогаш сакам да бидам отворен и да кажеме дека ако гледаме наназад, децении по потпишувањето на договорот, имаше и поединци и цели политички структури и цели политички партии, кои што за среќа не се дел од оваа Влада, коишто договорот го злоупотребуваа за свои лични интереси. Се обидуваа да прават раздор, да поттикнуваат лажен национализам, етнички тензии и на тој начин да владеат со државата. Може да признаеме дека долго и успеваа да го прават тоа и за за сега, еве да видиме во овие две години, дека во суштина најголемиот дел од работите беа поврзани со личниот и семејниот интерес.” – се обрати заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата