Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека денеска ја започнуваат најмасовната еко-акција на Балканот, „Генералка Викенд“, која годинава ќе мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, повеќе од 600 организации, јавни институции, приватни компании и над 250 државни институции.
На настанот присуствуваат претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, сопругата на премиерот Рози Мицкоска, амбасадорот на Австрија Мартин Памер, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамер Хоџа, како и заменичката Ане Лашкоска.
‒ Денешниот настан е силна порака. Порака дека чистата животна средина е заедничка одговорност, дека секој од нас има улога во изгледот на својата улица, своето маало, својот град и својата држава. Освен во Скопје, оваа голема акција се спроведува на 500 локации ширум Македонија. Тоа покажува дека кога постои волја, кога постои организација и кога постои љубов кон татковината, можеме да направиме голема промена. За нас, како Град Скопје, чистотата на главниот град е еден од најважните приоритети. Скопје е лицето на Македонија.
Скопје е дом на стотици илјади граѓани, град во кој секојдневно живееме, работиме, се движиме, ги растеме нашите деца и ги пречекуваме нашите гости. Затоа Скопје мора да биде чисто, уредно и достоинствено. Како Град Скопје, секојдневно, во три смени, работиме на чистење и одржување на градот. Нашите екипи се на терен, јавните претпријатија се мобилизирани, а целта е да воспоставиме нов стандард на хигиена и грижа за јавниот простор. Но, колку и да работат институциите, градот не може да биде чист ако сите заедно не го чуваме. Затоа во наредните денови започнуваме и кампања за подигнување на јавната свест за одржување чиста животна средина, со јасна порака дека отпадот не припаѓа на улица, во парк, на кеј или покрај контејнер, туку таму каде што му е местото. Истовремено, засилените инспекциски екипи се секојдневно на терен, вели Ѓорѓиевски.
Тој ги повика сите граѓани да се однесуваат поодговорно, да покажат дека љубовта кон Скопје не се мери само со зборови, туку и со дела.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата