Движењето ЗНАМ за Наша Македонија упатува искрени честитки до господинот Румен Радев, како и до партијата Прогресивна Бугарија за остварениот изборен резултат на парламентарните избори во Република Бугарија, соопшти партијата.
Очекуваме новата Влада да придонесе кон натамошно зајакнување на демократските процеси, владеењето на правото и доследно почитување на европските вредности и стандарди, вклучително и исполнување на Копенхашките критериуми, се додава во соопштението.
„Движењето ЗНАМ изразува искрена надеж дека во претстојниот период ќе се отвори простор за зрел, отворен и конструктивен дијалог, кој ќе овозможи надминување на отворените прашања меѓу двете држави. Во таа насока, остануваме цврсто посветени на потребата од заштита и унапредување на правата на македонското малцинство во Република Бугарија, како и на целосно почитување на македонскиот идентитет, јазик, историја и културно наследство“, соопшти ЗНАМ.
Воедно, се додава, го реафирмираме ставот на ЗНАМ дека уставни измени со цел внесување на бугарската заедница нема да бидат прифатени без јасни, цврсти и недвосмислени гаранции дека тоа претставува последно условување во процесот на деблокада на европскиот пат на Македонија.
„Веруваме дека со политичка зрелост и со взаемна почит може да се создаде нова клима на доверба која ќе придонесе за вистинско унапредување на билатералните односи меѓу двете држави. Таквиот развој е од суштинско значење и за стабилноста на регионот, но и за непречено продолжување на европскиот интегративен пат на Република Македонија, како стратешка определба на нашите граѓани“, соопшти ЗНАМ.
Дијалогот, взаемната почит и принципиелниот пристап остануваат единствениот одржлив пат кон стабилни односи и европска перспектива во која Македонија ќе биде третирана со достоинство и рамноправност, додава ЗНАМ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата