Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на 15 декември нема да се затвора државниот трезор и дека во јавноста се пласираат неточни и небулозни тези дека тоа се прави поради недостаток на пари. Тој појасни дека станува збор за организациска мерка со која институциите треба навреме да ги достават потребните документи, со цел да се избегне досегашната пракса работите да се завршуваат „во 5 до 12“.
„На 15 декември не се затвора трезорот. Добро е сите институции навреме да ги достават сите документи. Ќе има толеранција, ова не значи дека на 20 декември ќе има клуч на врата и толку. Ќе работиме со план и со свесност дека обврските мора да се завршуваат на време. Суштината е да стекнеме навика за ред“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека во изминатите години, особено во 2024 година, многу работи останале незавршени токму поради доцнењето на институциите, што трезорот објективно не можел да го испорача во последен момент. „Јас не велам дека на 15 декември е крај и дека на 20 декември ништо нема да може да се сработи. Но не смееме повеќе да функционираме во последен момент“, додаде премиерот.
Мицкоски истакна и дека ќе има исплата на К-15 за вработените во државните институции, со што ги демантираше шпекулациите за финансиски проблеми. Осврнувајќи се на обвинувањата од СДСМ дека трезорот се затвора поради немање средства, тој оцени дека ваквите тврдења се неосновани.
„Тезите што се пласираат во јавноста се небулозни и неточни. Претпоставувам дека таму има луѓе кои се разбираат во економија, па не е јасно зошто вакви теми се испраќаат во јавноста“, рече Мицкоски, потенцирајќи дека целта на Владата е воспоставување финансиска дисциплина, а не создавање паника.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата