За луѓето со договор на дело кои во декември 2025 останаа без трајни вработувања во Клиничка болница Тетово продолжува процесот со цел и за нив да се обезбеди решение за постојан работен статус, вели министерот за здравство Азир Алиу.
Тој одговараше на новинарско прашање што ќе се случува со 40-тина лица медицински персонал и технички кадар кои во јануари и февруари одат на работа и без договор на дело.
– Институцијата треба да побара мислење од нас, Фондот за здравстВо и од Министерството за финансии. Тоа веќе директорот го направи. Процедурите се во тек, ако не е веќе и завршено, и ценам дека за кратко време ќе треба да се потпишат договорите. Исто така, напомнувам дека ние работиме на тоа тие лица да бидат трајно вработени, се со цел да може да инвестираме во човечки капацитети. Тие да бидат спокојни дека ако има некоја политичка промена тие ќе бидат дел од здравството и нема да бидат злоупотребени уште еднаш, за жал, како што беа досега злоупотребени – рече Алиу.
По вчерашната акција за заплена на марихуана и медицински канабис во Скопје, министерот Алиу одговори дали Министерството за здравство ги контролира приватните фирми кои од Министерството добиваат лиценца за работа со ваков вид на медицински материјали. Тој рече дека Министерството за здравство по давањето на такви лиценци и дозволи врши редовни и повремени контроли.
– Според нашите протоколи, тие секои три месеци редовно мора да ги известуваат нашите канцеларии, нашата институција. Од наша страна, исто така со Инспекторатот имаме годишен план на контроли, но имаме и ад-хок посети, ако тоа е потребно. За тоа дали излегуваат надвор и како се пренесуваат една во друга институција, според протоколите, мора да нè информираат. Но, ако е надвор од тие протоколи, ние не сме надлежни како институција, за тоа е надлежно Министерството за внатрешни работи – посочи Алиу.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата