logo
logo
logo

Муцунски до швајцарскиот амбасадор: ПОДГОТВЕНИ СМЕ ДА ПРИФАТИМЕ ПОВРЕДЕНИ ПАЦИЕНТИ

Vecer | 01.01.2026

Муцунски до швајцарскиот амбасадор: ПОДГОТВЕНИ СМЕ ДА ПРИФАТИМЕ ПОВРЕДЕНИ ПАЦИЕНТИ

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која бил активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот Тимчо Муцунски, по претходна консултација со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу, попладнево остварил телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.

Во рамки на разговорот, министерот Муцунски изразил искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и солидарност со народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.

Во таа насока, Република Северна Македонија ја изразила подготвеноста да прифати повредени пациенти од несреќата, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи, доколку за тоа постои потреба од швајцарска страна.

Дополнително, министерот Муцунски изразил подготвеност, во случај на потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.

Од Министерството потенцираат дека Северна Македонија останува целосно на располагање за натамошна соработка и поддршка во рамки на европските механизми за солидарност и заеднички одговор при вакви трагични настани. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk