Сервис за возила во Штип бил фатен во незаконско користење на електрична енергија, при што е утврдена штета од 150.610 денари за период од четири месеци, соопштија од Електродистрибуција.
Случајот бил откриен на улица Железничка во Штип, откако екипи од Корисничкиот енерго центар на Електродистрибуција – Штип, во координација со специјализираниот тим за откривање на неовластено користење на електрична енергија, извршиле теренска контрола.
Според компанијата, неправилностите се однесувале на трифазно броило сместено во мерен ормар, каде што биле констатирани скинати пломби и интервенции врз инсталацијата.
Од Електродистрибуција објаснуваат дека биле извршени директни манипулации со броилото.
– Скинати пломби и премостување на проводници на една фаза за влез и излез на броилото – велат од Електродистрибуција.
Нелегалното користење, како што информираат од компанијата, се одвивало во периодот од јануари до почетокот на мај 2026 година, при што електричната енергија се трошела без соодветна евиденција и наплата.
По откривањето на случајот бил составен записник за неовластено користење, а против сторителите е поднесена пријава до Министерството за внатрешни работи, согласно член 235-а од Кривичниот законик.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата