Сите сме биле во слична ситуација - заклучуваме врата по којзнае кој пат, а потоа паничиме на пат кон работа бидејќи не можеме да се сетиме дали сме ја заклучиле истата врата, пишува Neuroscience News. Токму поради ова, тим од научници од Универзитетот Рајс во Хјустон испита зошто забораваме и како функционира меморијата.
- Сите се соочуваме со заборавање. Меѓутоа, кога станува збор за разбирање на меморијата, треба да се истражи многу повеќе за да се разбере како таа навистина функционира. Има и нова област на истражување на меморијата која се обидува да објасни зошто некои работи подобро ги паметиме од другите, рече Фернанда Моралес-Калва, студент на Рајс и автор на студијата.
На пример, навела таа, луѓето можат да се сетат на многу од она што го направиле во изминатата година, но само детално се сеќаваат на неколку настани.
- Претходните истражувања покажаа дека овие спомени се нешто што секој лесно го памети, како родендени, смрт на сакана личност и слично. Тоа се главно позитивни и негативни искуства. Ова знаење ни помогна да ја дизајнираме студијата за меморија, рече Стефани Лајал, вонреден професор по психолошки науки во Рајс и коавтор на студијата.
Истражувачите ја процениле меморијата покажувајќи им на учесниците слики. За време на тестовите, некои од овие слики биле повторени, некои биле сосема нови, додека некои биле различни, но многу слични. Нивната улога била да се мешаат во меморијата, исто како што ги забораваме секојдневните активности како заклучување на вратата. Некои слики биле многу впечатливи и најлесно се паметеле.
Научниците откриле дека иако учесниците во студијата се сеќаваат на повеќето впечатливи слики, овој ефект исчезнал по 24 часа. Ова било особено забележливо во случај на позитивни искуства, што укажува дека тие се незаборавни на прв поглед, но лесно се забораваат.
- Иако мислиме дека знаеме каков тип на спомени најмногу се паметат, всушност не знаеме многу за тоа како долгорочно се паметат. Често мислиме дека емотивните ситуации најдобро се паметат, но често се случува централната карактеристика да се засили, а деталите да се заборават,изјави Моралес-Калва.
Ако не можете да се сетите дали сте ја заклучиле вратата или сте го испиле лекот пред пет минути, не сте сами, велат истражувачите.
- Нашиот мозок не може да запомни се што доживуваме, па мораме селективно да заборавиме на информации кои не се толку важни. Оваа студија ни помага подобро да разбереме зошто го паметиме она што го паметиме, рече Лијалова.