logo
logo
logo

За првото тридневие од велигденскиот пост во Бигорски и Рајчица над 300 тримирци

Vecer | 05.03.2025

За првото тридневие од велигденскиот пост во Бигорски и Рајчица над 300 тримирци

 За првото тридневие на велигденскиот пост, во познатите светилишта „Свети Јован Крстител“ - Бигорски манастир и „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, престојуваа над 300 верници, кои по традиција сакаа на овој начин, во потполно тридневно воздржување од храна и вода да го започнат велигденскиот пост.

Чесниот и свет пост започна во понеделникот, откако во неделата вечерта на Прочка, големиот број верници, за кои Бигорскиот храм беше претесен да ги прими, се простија со својот владика, монасите и едни со други, по што Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, посака добра и благословена Четириесетница на сите.

Од Свештената бигорска Обител велат дека сите блажени средства за возвишување на душата до Божествените прегратки, ги има во изобилие во текот на сите денови на постот, но тие особено доаѓаат до израз во првата седмица.

- Тука е и блажениот Тримир, тридневие, во кое единствена храна и питие за монасите и верниците се умилителните стихири од Посниот Триод, старозаветните раскази, пророштва и мудрости, покајните тропари од Канонот на Св. Андреј Критски, бројните метании, молитвата на Св. Ефрем Сирин. За нашата Обител тоа е навистина едно свештено време, посочуваат од Обителта.

За владиката Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, тоа е време кога најмногу се открива длабочината и убавината на православното богослужение. Посебна радост е овој тридневен подвиг на толку многу верници, од кои повеќето млади луѓе.

- Голем благослов е што толку многу млади луѓе се решиле да го земат на себе подвигот на тримирот. Нека биде овој тридневен подвиг на многубројните млади христољупци, за спасение на нивните души и душите на нивните ближни, како и за благослов на целиот наш род и на Татковината наша, порача епископот Антаниски г. Партениј. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk