logo
logo
logo

За македонските туристички приказни без туристички водичи

Vecer | 05.11.2022

За македонските туристички приказни без туристички водичи

Тоа е најкусата информација за мостот кој на жителите од Зовиќ им служи да стигнат до мариовските села Бешеиште и Полчиште. Но, за Зовиќ и другите реткости од тој крај во Општина Новаци нема туристички водич кој би ги пренесувал приказните, нагласуваат од државната Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

Верувале или не, ниту еден туристички водич нема и Општина Македонски Брод, иако во тамошното средно училиште е формирана паралелка за развој на руралниот туризам, вели д-р Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот-АППТ.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во проект од ИПА-2 програмата што се вика Above („Од горе“), посочува Јаневски, реализира т.н. меки мерки или обуки на локалното население, обуки на локалната самоуправа со цел подигнување на свеста за алтернативни форми на туризам и нивното влијание врз локалниот економски развој.

– Целта на работилниците е младите да воочат дека во своите средини може да почнат со свој бизнис. Ние преку проектот вршиме бесплатна обука на 10 туристички водичи, а се надевам дека тој број ќе биде зголемен. Како куриозитет може да кажам дека во Општина Македонски Брод нема ниту еден туристички водич, а има средно општинско училиште со посебна паралелка за развој на руралниот туризам и мислам дека таа паралелка е единствена во земјава. Затоа ние сакаме во соработка со универзитетите вршиме обука за туристички водичи кои што ќе ги водат туристичките тури во соодветната општина. Некои туристички водичи ќе ги обучиме за алтернативни форми за туризам, други туристички водичи за културно наследство, како и за други афинитети. Важно е дека наскоро Битола ќе добие обучени туристички водичи, но не само Битола, туку и Новаци, како и други општини и региони што граничат со соседна Грција, појасни Јаневски.

Проектот заеднички ќе се работи со туристичката организација на градот Солун и со италијанско-грчка туристичка комора, со што Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот покажа и потврди дека е вредна за еден ваков проект и затоа се јавува како носител на проектот.

Девина Кула и пештерата Пешна

Туристичките водичи можат да помогнат во разоткривање на непознатото за странски, но и домашни туристи, бидејќи мал број луѓе знаат на пример за Девина Кула и пештерата Пешна, кои се на територијата на Општина Македонски Брод.

Според една легенда, Крали Марко имал четири сестри, односно Дева, Пешта, Кита и Ѕвезда. Најстарата Дева живеела во село кое денес се именува според нејзиното име, Девич. Во околината на селото Девич, денес видливи се остатоци од градби на населба и над нив се издигнуваат Девини Кули, кои се изградени во непосредна близина на пештерата Пешна, исто така именувана според една од сестрите на Крале Марко. Пештерата Пешна е прогласена за споменик на природата, кој на 200 метри под земјата има езерце со живи риби. Некои спелеолози тврдат дека Пешна е со најголем отвор на Балканот со таваница на отворот од 30 метри и со пештерски систем долг 10 километри.

– Оваа приказна за Девина Кула и пештерата Пешна треба да допре до многу туристи и затоа во последните пет години активно работиме во промовирање и зајакнување на самата понуда, атракциите што треба да се понудат и нивно нормирање со цел туристите подолго време да се задржат во одредена туристичка дестинација. Пандемијата на површина ги извади проблемите кои треба да ги решаваме и надминеме, и таа неможе повеќе да биде изговор за тоа што не сме го направиле. Ние мора да бидеме мудри, храбри и да ги засукаме ракавите за да до 2025 година создадеме услови за околу 4,5 милиони ноќевања во нашите дестинации. Тоа пак ќе овозможи поголем девизен прилив, зголемување во бруто домашниот производ со влијание на туризмот, но и зголемување на бројот на нови работни места, пред се за младата популација во локалните средини. Ако го детектираме и го развиваме туризмот во вистински правец, тогаш за брзо време бројот на ноќевања во руралните средини ќе почне глобално да влијае врз бројот на ноќевањата во туристичките места. Всушност, зошто на пример ние за 5 до 10 години да немаме повеќе за 50 до 60 насто поголем број ноќевања во руралните средини, нагласува Јаневски.

Активен туризам за локален економски развој

Туристички водич е комуникативна личност со многу познавања од историјата, културата, гастрономија и други локални информации. Туризмот е гранка која се повеќе ќе се шири и вреднува и затоа потребна е солидна обука која во проектот „Above“ е обезбедена од универзитетскиот професор д-р Науме Мариноски.

– Современите тенденции не само кај нас, туку и во светот посочуваат на тоа дека неопходно потребно е да се развива активниот туризам и во таа смисла, многу активности се насочени на тој план. Често пати активниот туризам го нарекуваме алтернативен туризам, адреналински туризам, а некои го нарекуваат и авантуристички но тоа теоретски не е издржано. Во секој случај кај нас во последниов период се посветува големо внимание на активниот туризам кој се изразува низ различни форми како што се параглајдинг, велосипедизам кој освен стандарден е и планински, потоа содржини кои се однесуваат на искачување на карпи и други креативни идеи, вели професорот Мариноски.

Сите идеи, подвлекува Мариноски, ги нотираме и даваме сугестии на кој начин да се видливи на туристичката понуда.

Динамиката на овој интензивен развој почна пред пет години со повеќе проекти од меѓународен карактер кои третманот на активниот туризам го ставија како приоритет и затоа, нагласува тој, може да се каже дека низ цела држава има вакви содржини. Со непосредни тренинзи се овозможува локалните ресурси да научат како да се вклучат во туристичката понуда.

Со реализацијата на проектот Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот навреме ги пресретнува потребите на туристичката индустрија. Туристичките водичи се неопходна потреба за општините за да не се случува водичи од странство со туристички групи од матичната држава, да споделуваат недовршени приказни, некои да ги парафразират или изменат сториите. Во таа смисла, видлив е недостигот на туристички водичи и во Битола кои засега ги има само во институции од областа на културата и затоа време е состојбите во оваа сфера да се подобрат во повеќе општини.

Во меѓувреме, од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот очекуваат преземање на повеќе ингеренции, директен придонес во туристичката индустрија и подобрување на Законот за туристичка дејност со што ќе се создадат услови за отворање на т.н. дестинациски менаџмент лоциран во неколку локални центри низ земјава. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk