logo
logo
logo

Во време на локдаун овој бербер не седел со скрстени раце: Една година шиша под дрво во Централ Парк, а еве и колку заработува!

Vecer | 07.06.2021

Во време на локдаун овој бербер не седел со скрстени раце: Една година шиша под дрво во Централ Парк, а еве и колку заработува!

Кога минатата пролет пандемијата го запре целиот свет многумина останаа без работа, а голем број семејства ја изгубија шансата да заработат за пристоен живот.

Но, овој човек решил да не седи со скрстени раце. Херман Џејмс од Њујорк ги спакувал своите ножици и се упатил кон Централниот парк.

Година дена подоцна, тој се уште има полни раце работа. Па така овој 33 годишен фризер станал атракција на веќе познатиот дел Менхетен. Својот "салон" – поточно еден преклопен стол го поставил под една сенка од дрво, пренесува АФП.

По 45 минутно возење, тој го отвора куферот на тркала, ги вади своите ножици, чешелот, огледалото и разни артикли за коса. На крај од куферот го вади и својот натпис на кој пишува "Берберот од Централ Парк - бесплатно шишање".

Џејмс започнал да нуди бесплатно шишање во паркот уште во 2020та година во месец мај, откако биле затворени сите салони во Њујорк поради пандемијата, вклучувајќи го и оној во кој тој работел. Тој се надевал дека овој негов чин ќе го подобри расположението на своите сограѓани во овие тешки времиња но бил и убеден дека ќе заработи некој долар од донации.

Неговите клиенти најчесто му донирале од 20 до 30 долари – колку што и чини шишање во Њујорк. Најмалата донација во знак на благодарност му била еден долар, а најголемата 200 долари.

Тој добро се сеќава на својот прв ден во паркот.

-Ја изложив опремата и чекав да видам како ќе реагираат луѓето. Првиот клиент дојде после 10 минути. Набрзо по него стигна и вториот. И така  почнаа да се редат. Беше 90от ден од почетокот на пандемијата па речиси на секого му требаше бербер, вели тој.

Чуварите на паркот најпрвин биле збунети и не знаеле што да прават со него, но решиле да му дозволат да остане.

-Никој претходно немаше направено нешто вакво. Немаше дозвола. Не знаеа што со мене, се присетува тој.

Во екот на карантинот имал и до 30 клиенти на ден. Денес има од 10 до 15. Иако фризерските салони денес се отворени, сепак Џејмс не планира да се врати во оној каде работел.

-Побарувачка се уште има. Луѓето сакаат да се шишаат во природа и се чувствуваат побезбедно отколку во затворени простории. Така и дојдов до оваа идеја. А сега да се враќам во туѓ бизнис и да градам туѓ бренд не сакам, вели тој.

Уште еден плус му е што не треба да плаќа кирија. Но негативна страна е што не може да работи во зима – односно работното време му е диктирано од временските услови.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk