Станува збор за состојка за која се тврди дека се наоѓа и во сапуните, шампоните и лосионите.
Сите посакуваат скапите парфеми да траат што е можно подолго, но цената за тоа буквално може да биде превисока, бидејќи научниците утврдиле дека хемикалиите наречени фталати, кои се додаваат за мирисот на парфемот да трае подолго, можат да бидат опасни за здравјето на децата и возрасните.
Фталатите се наоѓаат во многу парфеми и, според професорот Андреа Гор од Универзитетот во Тексас, тие го попречуваат нормалното функционирање на хормоните во телото.
Истражувањата покажале дека фталатите (како DEHP, DBP, DIBP и BBP) претставуваат значителни здравствени ризици, особено за децата. Во САД, одредени фталати се забранети во детските играчки, но нема ограничувања за нивната употреба во парфемите и производите за лична нега, како што се шампоните и сапуните. Европската унија исто така ги забрани фталатите во играчките за деца до три години и во козметичките производи, но употребата на сите фталати не е забранета - регулирана е само количината што може да ја содржат одделни производи.
Професорката Гор препорачува да се избегнуваат производи со додатни мириси, вклучувајќи ги парфемите, лосионите со мирис, шампоните, детергентите и антиперспирантите.
- Литературата за изложеноста на фталати, особено кај децата, е крајно загрижувачка. Фталатите влијаат на ендокриниот систем и го нарушуваат, што значи дека го попречуваат нормалното функционирање на хормоните во телото. Ова може да предизвика сериозни развојни ризици кај децата. Едно истражување, на пример, покажа дека поголемата концентрација на фталати во урината го зголемува ризикот од АДХД кај адолесцентите за 25 проценти - предупредува Гор.
Сепак, ризиците не се ограничени само на децата. Кај возрасните, фталатите се поврзани со кардиоваскуларни болести и неплодност и кај мажите и кај жените.
Иако некои експерти тврдат дека нема доволно докази дека фталатите се штетни за луѓето, опсежните тестови на животни укажуваат на нивниот негативен ефект.
- Хормоните на ендокриниот систем кај луѓето и животните се толку слични што резултатите од овие студии се повеќе од доволен доказ – смета Андреа Гор.
Проблемот е што фталатите не ги има само во парфемите, покрај тоа што ги има во речиси сите козметички производи, тие ги има и во многу производи, како пластична амбалажа, кеси за ѓубре и ултра преработена храна.
Една студија од 2022 година заклучила дека овие мали количини на фталати се безопасни, но според експертите, просечната жена користи до 12 различни препарати дневно, од парфем до шминка, а тоа драстично ја зголемува потенцијално опасната количина на фталати, пренесува nypost.com.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата