Болката најчесто се јавува во текот на студените зимски денови, а еве и два природни рецепта кои помагаат оваа состојба да ја ставите под контрола.
Воспалението на крајници и болното грло се често заболување во текот на студените зимски месеци. Крајниците се дел од лимфниот систем и играат улога во борбата против инфекциите, но и самите може да се инфицираат. Воспалението на крајници може да се појави на која било возраст, подеднакво ги погодува двата пола, почесто се јавува кај децата, особено кога се мали бидејќи се склони во уста да ги ставаат рацете или разни предмети.
Воспалението на крајниците се јавува поради вирусна или бактериска инфекција (предизвикана од стрептокока). Како што истакнуваат лекарите, при дијагнозата важно е да се разликува вирусната од бактериската инфекција, пред се поради пропишувањето соодветна терапија, а тоа се прави врз основа на различните симптоми. Навремената антибиотска терапија во случај на стрептококни инфекции може да спречи можни подоцнежни компликации како што е ревматска треска.
Симптомите на воспалени крајници поради вирусна инфекција вклучуваат:
пониска телесна температура
благо воспалено грло
течење на носот
кашлица
насолзени очи
Во случај на стрептококно (бактериско) воспаление на крајниците, симптомите се:
висока температура
силна болка во грлото
општа слабост и малаксаност
главоболка
отекување на лимфните жлезди во предниот дел на вратот
отежнато голтање
Дијагнозата се поставува врз основа на лекарски преглед, тест за стрептокока и лабораториски анализи. Антибиотиците на база на пеницилин се користат за лекување на бактериско воспаление на крајници, додека кај вирусно воспаление се користат лекови за намалување на температурата и ублажување на кашлицата.
Кај вирусно воспаление на крајниците може да помогнат одредени природни препарати, како што е солената вода, која може да ја ублажи болката. Правењето гаргара со топла солена вода може да помогне да се смири воспаленото грло и да се разбие секретот. Познато е и дека солта помага и при елиминирање на бактериите во грлото. Направете раствор од солена вода со додавање половина лажичка сол во полна чаша топла вода. Направете гаргара со него за да го намалите отокот и да го одржувате грлото чисто. Гаргара правете на секој час. За плакнење на грлото може да се користи и чај од камилица, кој има антивоспалителни и смирувачки својства, како и корен од сладунец.
Доколку симптомите не поминат за неколку дена, задолжително посетете лекар бидејќи воспалението на крајниците лесно може да се искомплицира и да премине во ангина и формирање на гнојни јазли на крајниците, што потешко се лекува. Во потешки случаи или при чести инфекции, лекарот може да препорача хируршко отстранување на крајниците. Операцијата на крајниците често се изведува кај деца, особено ако честите инфекции на крајниците влијаат на нивното општо здравје, но се изведува и кај возрасни доколку е потребно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата