Новиот систем, наречен Аурора, кој сè уште не е во комерцијална употреба, генерираше десетдневни временски прогнози и ги предвиде патеките на ураганите попрецизно и побрзо од традиционалните методи за прогнозирање, со значително пониски трошоци.
„За прв пат, еден единствен систем за вештачка интелигенција може да ги надмине сите оперативни центри во прогнозирањето на урагани“, рече водечкиот автор Парис Пердикарис, вонреден професор по машински инженеринг на Универзитетот во Пенсилванија.
Аурора, која е обучена исклучиво врз основа на историски податоци, успеа да ги предвиди сите урагани во 2023 година попрецизно од оперативните центри, како што е Националниот центар за урагани на САД. Традиционалните модели за прогнозирање на времето се базираат на физички принципи - како што се зачувувањето на масата, импулсот и енергијата - и бараат огромна компјутерска моќ.
Сепак, според студијата, пресметковните трошоци за работењето на Аурора биле неколку стотици пати пониски.
Овие експериментални резултати доаѓаат по моделот Pangu-Weather, кинески систем за вештачка интелигенција развиен од технолошкиот гигант Huawei во 2023 година, и би можеле да најават промена на парадигмата во начинот на кој главните светски метеоролошки агенции го предвидуваат времето и потенцијално смртоносните екстремни настани влошени од глобалното затоплување.
„Верувам дека сме на почетокот на трансформациска ера во науката за атмосферските системи. Во следните пет до десет години, светиот грал ќе биде да се изградат системи што можат директно да обработуваат податоци од далечински сензори како што се сателити и метеоролошки станици за да генерираат прогнози со висока резолуција за кој било дел од светот“, рече Пердикарис во видео презентација објавена од Nature.
Според неговите креатори, Аурора е првиот модел кој постојано ги надминува седумте центри за прогнозирање во предвидувањето на патот на разорните циклони во период од пет дена.
На пример, симулацијата на Аурора точно предвиде четири дена однапред каде и кога тајфунот Доксури, кој се смета за најразорниот тајфун регистриран во Тихиот Океан, ќе ги погоди Филипините. Официјалните прогнози за 2023 година во тоа време покажуваа дека тајфунот ќе помине северно од Тајван, објави „Сајенс алерт“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата