logo
logo
logo

ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА доби отказ заради ГОЛЕМ СКАНДАЛ НА РАДИО после само една недела работа!

Vecer | 30.10.2024

ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА доби отказ заради ГОЛЕМ СКАНДАЛ НА РАДИО после само една недела работа!

Вештачката интелигенција доби „отказ“, а била предвидена како замена за отпуштените новинари на OFF Радио Краков. Отказот дојде по само една недела поради жестоките реакции на јавноста.

Предвидено било тројца виртуелни аватари на вештачка интелигенција да ја водат програмата за млади три месеци.

„Судбината на пионерите не е лесна. Пресметавме дека експериментот не треба да трае подолго од три месеци. Но веќе по една недела собравме толку многу забелешки, мислења, предлози што признавме дека е бесмислено да продолжиме“, рече главниот уредник на ОФФ Радио Краков, Марчин Клин.

Реакциите на Еми, Куба и Алекс, презентерите на тематските емисии со вештачка интелигенција на инаку младинскиот музички канал на полското јавно радио, беа главно негативни, меѓу другото затоа што радиото претходно ги отпушти новинарите кои ја подготвуваа и водеа програмата и ги замени со содржина на вештачка интелигенција.

Скандалот избувна веднаш, кога пред една недела беше емитувано измислено интервју со покојната поетеса, добитничка на Нобеловата награда за литература, Вислава Шимборска за јужнокорејската литература, каде презентер беше АИ, размислувала што би кажала поетесата, а бил клониран и гласот на Шимборска.

За само еден ден, 15.000 луѓе потпишаа петиција против ваквото сквернавење на националната културна икона и претворање во ликови на Дизниленд, како и против отпуштањето на новинарите само за да се заменат со вештачка интелигенција.

Раководството на радиото соопшти дека се враќа на концептот на музичко радио за млади и дека целта на експериментот е постигната, бидејќи се покажало колку области на примена на вештачката интелигенција се нерегулирани, на пример, заштитата на лик и дело, препознавање на содржина генерирана од вештачка интелигенција, авторски права.

Контроверзниот експеримент беше критикуван и од полската влада, а министерот за дигитализација, Кшиштоф Гавковски, за радиото изјави дека иако лично ја поддржува вештачката интелигенција, верува дека таму ја преминале границата.

„Треба добро да се регулира симбиозата на луѓето и вештачката интелигенција. Во тоа ќе ни помогне донесувањето на законот за вештачка интелигенција. И најважното нешто, масовната употреба на вештачката интелигенција мора да работи за луѓето, а не против нив“, рече министерот Гавковски на социјалните мрежи. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk