Во многу ситуации жените знаат што сакаат. Знаат дека заслужуваат подобра плата, појасна поделба на обврските, поголемо почитување или едноставно – повеќе простор за себе. Меѓутоа, помеѓу желбата и изговорената реченица најчесто стои страв. Страв од конфликт, страв од тоа да бидат погрешно сфатени, страв да не се наруши односот.
Затоа комуникацијата станува место на внатрешна борба. Наместо да биде алатка за разбирање и договор, таа станува извор на анксиозност и преиспитување.
Вештина на дијалогот – Како да го кажете она што ви е важно
Дијалогот не е монолог или разговор без поента. Тој подразбира рамнотежа – помеѓу изговореното и сослушаното, помеѓу сопствените потреби и туѓите очекувања.
Многу жени растеле со пораката дека треба да бидат прилагодливи, стрпливи и фини. Тие особини сами по себе се проблем, проблемот е кога прилагодувањето прераснува во постојано потиснување на сопствениот став.
Вештина на дијалогот значи да умееме :
да го кажеме она што го мислиме без напад
да поставиме граници без драма
да го задржиме мирот дури и кога разговорот е непријатен.
Тоа е способноста да кажеме: Ова ми е важно; со ова не се согласувам; ова не можам да го прифатам.
Без потреба да објаснуваме во 10 реченици, без иронија, без пасивна агресија.
Дијалогот станува квалитетен дури кога во него се појавуваат двете страни- и вие и соговорникот. Ако постојано се повлекуваме или постојано се браниме, рамнотежата е нарушена.
Асертивната комуникација ја враќа таа рамнотежа.
Зошто е преговарањето важно?
Преговарањето често се врзува со деловните состаноци и разговори за плата, но вистина е дека преговараме секој ден – и тоа многу почесто приватно отколку во професионалниот живот.
На пример, преговараме кога со партнерот се договараме кој ќе го земе детето од школо, кога одлучуваме кој ќе остане дома кога детето е болно, или кога ги распределуваме домашните обврски или го планираме семејниот буџет.
Во тие ситуации, често не се доживуваме како „преговарачи“, туку како личности кои треба да имаат разбирање и да бидат флексибилни. Па наместо да прашаме: Како ќе го поделиме ова?
Најчесто велиме: Јас ќе го средам тоа.
Со тек на време, таквата динамика станува непишано правило. Едната страна презема премногу обврски, а другата се навикнува помалку да учествува, а незадоволството се зголемува - без отворен разговор.
Преговарањето во партнерските односи не значи борба за контрола, туку рамноправно учество при носење на одлуки.
На пример, „Оваа недела имам важна обука. Може ли да ги преземеш школото и тренизните“?
„Важно ми е да ги поделиме обврските порамномерно. Ајде да направиме распоред кој ќе биде фер за двајцата“.
„Не можам само јас да ги менувам плановите, ми треба и твоја поддршка“.
Кога преговараме, не создаваме конфликт, туку стануваме појасни.
Преговарањето ја враќа рамнотежата во секојдневните ситуации што често ги земаме здраво за готово. Тоа не е знак на себичност, туку знак за одговорност според сопственото време, енергија и граници.
Активно слушање: основа на секој договор
Комуникацијата не е само говор. Еден од најважните делови на преговарањето е способноста да ја слушнеме и другата страна.
Активното слушање подразбира
непрекинување на соговорникот за веднаш да реагираме
да се обидеме да разбереме што стои зад барањето
да провериме дали добро ја сфативме пораката
Кога луѓето се чувствуваат сослушано, се намалува потребата за одбрана и повишување на тонот. Се отвора простор за решение.
Активното слушање не значи откажување од сопствениот став, тоа значи дека разговараме за да се договориме, а не да победиме.
Но пред секое надворешно преговарање, постои она внатрешното, пред да ја изговориме реченицата.
Дали претерувам?
Можеби не е вистински момент.
Можеби е полесно да преќутам.
Внатрешната борба најчесто е погласна од самиот разговор. Тоа не е слабост, туку резултат на годините навика да бидеме разумни, флексибилни и „добри“. Научени сме прво да провериме дали на другите им е во ред, пред да провериме дали нам ни е во ред.
Затоа преговарањето не е само вештина на комуницирање, тоа е средба на сопствените стравови, од одбивање, неразбирање, од конфликти.
Тука се појавува она што се нарекува тивка моќ.
Тивката моќ не е во доминацијата, не е во потребата да бидеме погласни од другите. Таа се огледува во мирната одлучност. Во способноста да кажеме „не“ без драма. Да останеме смирени кога другата страна го повишува тонот.
Да не се откажуваме од себеси, дури и кога е непријатно
Тивката моќ значи дека знаеме кои сме и што ни е важно – и дека тоа можеме да го изговориме без потребата да се браниме.
Токму таа комбинација на внатрешна стабилност и јасна комуникација го прави преговарањето силно. Не затоа што никого не го надвикуваме, туку затоа што престануваме да го потиснуваме во себе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата