Туристите, како и мештаните, кои ќе се шетаат во костим за капење надвор од плажата во Улцињ, би можеле да платат казна од 150 до 500 евра. Ова произлегува од изменетата Одлука за комунален ред што ја усвои Собранието на Улцињ минатата недела, со која се воведуваат нови правила на однесување за заштита на комуналниот ред, достоинството на градот и уредниот изглед на јавните површини, пишува Vijesti.me.
Забрана за одење во костим за капење
Во новиот член од одлуката се наведува дека „заради заштита на комуналниот ред, достоинството на градот и уредниот изглед на јавните површини, забрането е движење во костим за капење или без кој било дел од облеката на јавните површини“. Забраната се однесува на урбаните, приградските и туристичките населби на подрачјето на општина Улцињ, со исклучок на плажите и бреговите наменети за капење.
Пропишана е и парична казна
Одредбата, како што е појаснето, се однесува особено на улици, плоштади, шеталишта, пешачки зони, паркови и други јавни површини кои не се означени како места за капење. За прекршување на оваа одлука е пропишана глоба во износ од 150 до 500 евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата