logo
logo
logo

Социјална работничка ги открива најчестите проблеми во бракот

Vecer | 20.01.2025

Социјална работничка ги открива најчестите проблеми во бракот

Со текот на годините, паровите минуваат низ различни фази кои носат конкретни проблеми и можности за раст. Иако секоја врска е единствена, постојат обрасци кои често се случуваат во зависност од траењето на бракот. Препознавањето на овие проблеми е првиот чекор кон нивно решавање и зајакнување на врската.

Социјалната работничка и советничка за парови, Ешли Сигер, ги издвои најчестите проблеми со кои се соочуваат паровите за време на одредени годишници од бракот.

Проблем на двегодишнината: Сомнежи во изборот на партнерот

„Околу втората годишнина, паровите често се соочуваат со чувство на сомнеж во врска со нивниот избор. По напорното прилагодување на улогите на „маж“ и „жена“, партнерите може да почнат да гледаат еден на друг од нова перспектива. Овој период е обележан со појасно изразување на потребите и почестите прашања дали тие потреби се исполнети. Клучот за надминување на овој предизвик е отворена комуникација и изнаоѓање креативни начини за исполнување на меѓусебните очекувања“, објаснува Ешли Сигер за YourTango.

Проблем за 7-годишнината: Чувство на немир и незадоволство

Оваа фаза често носи немир и чувство на незадоволство, вели Сигер.

"Партнерите може да се соочат со чувство на дистанцираност или дури и со искушенија надвор од бракот. Една од причините може да биде промената во семејната динамика, како што е сè поголемата независност на детето. Решението лежи во повторното поврзување, и емотивно и интимно, и фокусирање на позитивните аспекти на врската. Експертите препорачуваат отворена комуникација, слушање на партнерот и, доколку е потребно, барање стручна помош“, вели оваа социјална работничка.

Проблем за 10-годишнината: Чувство на непризнаена вредност

Десетгодишнината често носи чувство на невидливост и недостаток на благодарност.

Сигер наведува: „По десет години заедничко вложување во кариерата, семејството и домот, едниот од партнерите може да почувствува дека неговата жртва не е признаена. Оваа фаза може да предизвика фрустрации и недоразбирања. Решението е едноставно: изразувајте благодарност за малите гестови секојдневно, почнувајќи ја реченицата со „ Забележав дека...“ и завршете ја со „Благодарам“.

Проблем за 15-годишнината: Апатија и дистанца

По 15 години брак, многу парови забележуваат чувство на апатија во врската.

„Љубовта сè уште постои, но партнерите често не можат да се сетат што ги поврзувало некогаш“, забележува Сигер. Овој период бара мали чекори кон повторното поврзување, без разлика дали тоа ќе биде преку присетување на старите шеги или создавање на нови заеднички искуства. И покрај предизвиците, овој период може да стане основа за подлабока интимност во иднина.

Проблем за 20-годишнината: Слободно време и нови почетоци

Дваесетгодишнината често е обележана со промени во животниот ритам, како што се приближувањето до пензија или забавување на темпото на живот кај еден од партнерите. Паровите може да се соочат со прашањето како повторно да се поврзат во оваа нова фаза.

„Додека некои уживаат во заедничките патувања и поголемата интимност, други може да чувствуваат тага поради загубите или промените во семејството. Клучот е да продолжите да разговарате, да ги споделувате вашите потреби и заеднички да истражите нови начини за зајакнување на врската. Секоја фаза од бракот носи свои предизвици , но и можности за раст и подлабока поврзаност. Препознавањето на овие обрасци и заедничката работа за нивно надминување може значително да ја зајакне вашата врска“, заклучува Сигер.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk