Вселенскиот патријарх Вартоломеј испрати писмо со сочувство до архиепископот Охридски и Македомски Стефан за неодамнешното упокојување на митрополитот Тимотеј, пренесува црковниот портал Литургија.мк.
- Преосвештен Архиепископе Охридски, во Светиот Дух возљубен брате и сослужителу на нашата Смиреност господине Стефане, благодат и мир од Бога нека биде на вашето Преосвештенство. Со голема тага бевме информирани за упокојувањето во Господа на незаборавниот наш брат, Митрополитот Дебарско-Кичевски Тимотеј, благиот и скромен архијереј, кој го посвети својот живот во служба на Светата Црква. Молејќи се за покој на душата на блаженоупокоениот брат Тимотеј во живеалиштата на праведниците заедно со оние кои од памтивек Му благоугодиле на Бога, на вашето Преосвештенство му изразуваме, на Мајката Црква и нашето, сочувство за смртта на овој архијереј. Се молиме Христос нашиот Бог, Кој има власт над мртвите и над живите, да ја упокои душата на преминатиот од нас под сенката на дрвото на животот при водните извори, а неговиот спомн да биде вечен. По овој повод, ги повикуваме врз вас благодатта и бескрајната милост на Бога на нашите отци, Кој има власт над животот и над смртта, се наведува во писмото со сочувство од вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј се упокои на 25 ноември годинава, по кратко боледување, на 73 годишна возраст.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата